Филмот „Обичните“ на Софи Линенбаум ја доби наградата за најдобар филм „Златна ѕвезда“ на 22. „Синедејс“, што заврши синоќа во Скопје. Заедно со Михаел Фетер Натанаски, Линенбаум е наградена и со „Сина ѕвезда“ за најдобро сценарио. „Сребрена ѕвезда“ за најдобра режија доби Ев Душман за белгиско-францускиот „Тајмаут“. Наградата за најдобра изведба, пак, ја доби актерката Марија Васкез за шпанскиот филм „Матријарх“.

Наградите ги додели жирито во состав: Габриеле Бруненмаер, филмски експерт и ментор, Дина Дума, режисерка и Ереник Бекири, режисер.

Сцена од „Тајмаут“
– Со создавањето незаборавен свет преку користење улоги во филмови за да се прикаже неправедноста во нашите општества, ова дебитантско дело ни дава единствен глас, кој се осмелува остроумно да ги експериментира воспоставените филмски правила. Режисерката Линенбаум остро пркоси на дискриминацијата со досетлива сатира и трогателна драма – вели образложението на жирито.
Голем предизвик е да се направи филм што паралелно прикажува живот на три лика, кои уште од почеток се прикажани како антагонисти што излегуваат од затвор, стои во образложението за наградата за најдобра режија за „Тајмаут“.
– Режисерката со леснотија нѐ запознава со овој свет. Начинот на кој ги води ликовите остава без здив и навивате за нив дури и во нивните најмрачни моменти, низ разни невозможни потфати во обид повторно да се поврзат со своите најблиски – вели жирито за наградата за Душман.

Водена од постојаниот страв дека ќе остане без пари и време, Рамона го движи филмот и ја понесува публиката. За нејзината извонредна и воодушевувачка изведба, жирито одлучи да ѝ додели специјална награда на Марија Васкез за улогата во дебитантскиот филм на Алваро Гагос, „Матријарх“.

Жирито во состав: Јована Ѓорѓиовска, Јоана Павлова и Марсел Маига го избраа најдобриот филм во селекцијата SEE (South Eastern Europe). Станува збор за „Шолја кафе и нови чевли“ на Гентиjан Кочи, „поради визуелната и тактилната поезија на филмот кој ја кани публиката да внимава на секој детаљ“.
Жирито во состав: Влатко Галевски, претседател, Стојан Синадинов и Тони
Цифровски, членови доделија две награди за критика за официјалната и за оценуваа филмовите во SEE (South Eastern Europe).

Сцена од „Шолја кафе и нови чевли“
„Шолја кафе и нови чевли“ ја доби и нивната награда.
– Филм кој покажува оригинален пристап кон комуникацијата и неможноста да се комуницира, како и кон тишината. Освен одличната актерска игра, зад оваа необична приказна се крие и современо чувство на изолација со кое сите можеме да се поврземе – вели жирито.
Наградата на филмската критика, пак, му е доделена на унгарскиот филм „Лери“ на сценаристот и режисер Шилард Бернат. Оваа ангажирана социјална драма ги осветлува проблемите на семејното и родово насилство и созревањето на главниот лик, комбинирајќи го текот на приказната со супериорна визуелизација и одлична актерска игра. Исклучително умешно е изведено преплетувањето на контрастните социјални пејзажи – од руралноста до хип-хопот.

22. издание на Фестивалот на европскиот филм заврши со проекцијата на филмот „Бизнисот на задоволството“ на режисерот Гоце Цветановски. Авторската и актерската екипа се поклонија пред публиката во паркот на МКЦ.
Под слоганот „Муви најт “ и годинава фестивалот обезбеди врвни филмски остварувања и македонски премиери, но со намален буџет и намалени можности за проекција на филмовите. Сепак, повеќе од 5000 вљубеници на европскиот филм беа публика на 22. издание.
– Имавме уште едно одлично издание на фестивалот на кое сме горди, особено заради условите во кое го реализиравме. Сублимирано ќе споделам дека ние сме вистински светски фестивал, кој има ексклузивни премиери од Кан, врвни европски гости, публика која не доаѓа само на филмови, туку учествува активно на работилниците и дебатите и професионалци филмаџии кои жедно учат и стануваат конкурентни на европскиот пазар. Нашите потенцијали се големи и како продуценти на овој фестивал, но и како јадро околу кое гравитираат вистински европски вредности – вели Маргарита Арсова, координаторка на фестивалот.
Фестивалот го затвори министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.






