„Галичка свадба“ е симбол на љубовта и традицијата

Симболот на љубовта и традицијата – Галичката свадба од вчера до недела се одржува во живописниот Галичник. Јован Филипоски и Лилјана Михајловска се годинашните младоженци кои ќе ја крунисаат својат љубов во Галичник. Денеска започнуваат свадбарските обичаи – пречек на тапаните, китење и поставување на свадбениот бајрак, симболичното „фрлање пушка“ од куќата на зетот и изведбата на свекрвиното оро. Звукот на зурлите и тапаните и одекот на традицијата и годинава се привлечни за домашните и странските туристи.

Фото: Јуроп хаус (архива)

Манифестацијата започна синоќа во амфитеатарот пред чешмата Упија со монодрама во чест на Ѓорѓија Пулевски и 150 години од издавањето на неговиот „Речник на три јазика“ (Тријазичникот), со настап на актерот Рубенс Муратовски. Текст за претставата „Ја, Ѓорѓија Пулески – роден су од камен“ е напишан од Миле Бошњаковски и е на автентичен мијачки говор, а режисер на монодрамата е Бојан Трифуновски.

Особено впечатлив момент се ората кои го симболизираат печалбарството и непокорот на луѓето од овој печалбарски крај – „Невестинското“ и „Тешкото“ на националниот фолклорен ансамбл „Танец“, на платото пред чешмата Упија. Во вечерните часови невестата, придружувана од свадбарите ќе оди да полни вода – обичај поврзан со семејната среќа.

В недела, денот на венчавката, ќе почне со традиционалните обичаи „канење на мртвите“, „канење на кумот“, „бричење на зетот“ и „тргнување по невеста“, како и карактеристичниот обичај на Галичката свадба – „гледање низ прстен“. По испраќањето на невестата и дарувањето, ќе следува венчавањето во храмот „Св. Апостоли Петар и Павле“. Настанот ќе заврши со свеченото испраќање на тапанџиите и зурлаџиите, кое го означува симболично затворање на свадбената церемонија.

Фото: Јуроп хаус (архива)

Годинашните невеста и зет Лилјана Михајлоска и Јован Филипоски истакнаа дека учеството во манифестацијата за нив претставува исполнување на животниот сон. Јован е потомок на старото галичко семејство Филипоски и, како што рече, уште од мал мечтаел да биде зет на Галичката свадба.

-Оваа традиција треба да се негува. Мене ми беше пренесена од моите баба и дедо, а потоа и од моите родители кои секоја година учествуваат и се дел од традицијата. Честа е огромна и се надевам дека што повеќе посетители ќе дојдат и ќе ја видат оваа убава традиција, изјави Филипоски.

Невестата Михајлоска рече дека честа е голема, но исто така и одговорноста доследно да се пренесе традицијата.

– Огромна чест и задоволство е што сме избрани за невеста и зет, се чувствуваме среќно и гордо. Но, истовремено, голема е одговорноста доследно да се пренесе оваа традиција, веруваме дека сѐ ќе помине во најдобар ред, рече Михајлоска.

И оваа година покровител на манифестацијата е претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, со поддршка и од Министерството за култура и туризам.

Насловна фотографија: Министерство за култура и туризам

Сподели