Габриела Новевска: Со задоволство ги пеам македонските изворни песни

Кога една пејачка ќе ви каже дека народната песна е онаа што ù ја исполнува душата, дека најмногу ја слушала Вања Лазарова, дека од неа ги научила гајдарските украси и динамиката, извиците, издишките… тогаш е повеќе од јасно дека пред себе имате уметница која исправено стои пред македонската фолклорна традиција и е подготвена да води плодотворен дијалог со неа

Пишува: Љупчо Јолевски

Габриела Новевска е пејачка која израснала со македонската фолклорна традиција и љубовта со сиот жар да ги пее македонските песни. Едуцирана од изведбите на легендарните Вања Лазарова, Васка Илиева, Рајна Спасовска, Александар Сариевски, Никола Бадев, Кирил Манчевски… таа през годиниве својот талент го распостилаше пред публиката настапувајќи со групата „Монистра“ и како член на Националниот ансамбл за народни песни и игри „Танец“. Ова подразбира импозантна серија на концерти настапи во земјава, регионот и во светот и таложено искуство кое ја одведе до следниот исчекор – нејзиниот самостоен албум „Те кажувајет, Илино моме“ чија промоција се случи неодамна. Така, со нејзините моќни изведби на песни облечени во ново руво и поминати низ сентиментот и свирачката умешност на музичари кои можеби и не се толку присутни на ова поле, но во чии вени гордо пулсира неправилниот ритам и јужниот сентимент, започна и испишувањето на новите страници од нејзината солистичка приказна која несомнено допрва ќе се испишува.

Овој разговор е само обид да се фрли поглед кон ваквите заложби и на виделина наново да излезе оваа млада жена која стамено чекори во зачувувањето на традицијата и вистинските вредности и нивно лансирање во иднината. Овде и сега.

Со оглед на тоа што во изминатава деценија и половина зад себе имате бројни концертни настапи и неколку дискографски изданија, што беше она што Ве натера да се решите на еден ваков чекор – да исчекорите со самостојниот албум „Те кажувајет, Илино моме“? Колку долго во себе ја носевте таквата скриена желба и сметате ли дека во тој период собравте доволно искуство за еден таков потег?

– За да направам еден ваков сериозен проект, се подготвував долго време. Ментално. Можеби пет-шест години. Бидејќи од својата 15-та година сум на сцена со изведба на народна песна, без разлика дали е рурална или староградска. Најпрво како ученик во средното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“ во одделот за традиционална музика и игра, потоа од 2008 година како единствен вокалист во групата „Монистра“, од 2011 како надворешен соработник на „Танец“ и две години подоцна веќе вработена како пејачка. Згора на тоа во 2015/16 година работев и како вонреден професор во одделот каде завршив средно образование, па имав можност и да подучувам неколку деца и да им ја пренесам љубовта кон народната песна.

Целото ова искуство ме натера да посакам да направам нешто поинакво од сето она што сум го прикажувала до сега, а пак да останам своја. Имав желба на достоен начин да излезам од постојните рамки веќе прифатени во општеството, притоа да се обидам да не ја уништам суштината, карактерот и стилот на целата песна. И морам да признаам дека вооошто не беше лесно. Ме спречуваше и помислата на тоа како ќе биде прифатен ваквиот стил на изведба, овде дома во Македонија. Се одлучив на овој чекор затоа што мојата желба беше посилна, па ми ги надвладеа мислите. Создадов проект во кој можам да го направам она што најдобро го знам – да пеам македонска народна песна. Но, и благодарение на аранжманите и музичарите, со оваа фузија на фолк/рок/џез имам музичка поддршка која тотално ме отсликува и мене како карактер, па албумот е 100 отсто Габриела.

Издавач на албумот е Дирекција за култура и уметност-Скопје, а зад него застанаа дузина извонредни македонски музичари: гитаристот Зоран Костадиновски, басистот Горан Гешовски, Дарко Илиевски на хармоника, Виктор Филиповски на тапани, перкусионистот Ратко Даутовски… и се разбира, Вашиот долгогодишен соработник во „Монистра“, во случајов пијанист и аранжер Александар Јовевски. Како го замисливте овој проект во кој македонскиот фолклор и изворната традиција се вкрстени со пулсот и сентиментот на новите генерации уметници кои ја имаат храброста да стапнат скалило погоре, да експериментираат? 

– Сите сме генерално многу, многу задоволни. Секогаш може и подобро, нели? Но, ваков спој на традиционално пеење, на фолк со рок и џез, сметам дека немало кај нас досега. Особено ако притоа биде кажано дека тенденцијата била народната песна да биде отпеана како народна, без да биде сквернавена. Со музичарите кои се јавуваат на албумот досега сум немала соработка, но не се ни сомневав дали со нив нешто нема да биде добро. Сите се одлични, вистински професионалци и врвни мајстори со својот инструмент, па можам да кажам и дека честа е моја што токму тие стојат зад мене.

Александар Јовевски, пак, е мој долгогодишен соработник и пријател. Се познаваме од кога станав вокалистка на „Монистра“ во 2008 година, што значи се знаеме навистина добро. Тој е одличен музичар и сметав дека само со него можам да ја започнам мојата индивидуална музичка приказна. Веднаш ме разбра што сакам, но знае и што можам, па целиот процес околу создавањето на аранжманите беше олеснителен. За него и на самата промоција, пред публиката, ги кажав само овие неколку збора: Го пронајдов мојот совршен музички партнер!

Албумот „Те кажувајет, Илино моме“ е всушност колекција од осум познати теми од репертоарот на легендите на македонската песна. Како дојдовте до нив? Имате ли некаков емотивен однос кон овие песни? Колку притоа Јовевски се водеше од Вашиот одбир или беше тоа заедничко решение во процесот на подготовка на материјалот?

– Идејата за албумот неколку години тлееше во мене, па така имав време да размислам и убаво да ги одберам песните кои би сакала да ги отпеам и да ја започнам личната приказна. Носечката мелодија на албумот е една од моите омилени песни изведени од големиот Александар Сариевски, а бидејки целата идеја за реализација започна во 2022 година, кога се одбележаа 100 години од неговото раѓање, решив токму оваа песна да биде насловната за овој албум. Сите останати композиции ми се особено драги, поради некоја своја причина и сите сум ги научила во своите почетоци. Има и познати песни, отпеани и пласирани од големи имиња од македонската музичка сцена, но има и една песна која воопшто не е позната во јавноста – „Ситни Стојне, ситничарке“ која потекнува од село Истибања, а првпат ја имам чуено и научено од снимка на Фолклорниот ансамбл „Китка“. Песните сама ги одбрав и веќе имав замисла како од прилика би се развивале. За нив многу разговаравме со Александар Јовевски, не се согласувавме за се’, за нешто попуштив јас, за друго тој… Но, Александар е човек кому комплетно му верувам и знам дека ќе создаде музика која навистина ќе ме отслика и со која нема ме остави рамнодушна.

Сега, по официјалната промоција на албумот, какви се плановите за концертно претставување пред јавноста? Кога и каде да Ве очекува публиката? Дофрлаат ли Вашите планови надвор од границите на Македонија, во регионот и зошто да не на интернационалната сцена со оглед на тоа дека потпишавте проект што слободно може да комуницира со широк круг на луѓе кои раскрстиле со предрасудите за „малите култури“?

– Секако би се обиделе овој материјал да го пласираме и надвор од Македонија. Мислам дека станува збор за проект во кој вткаивме многу од нашата изведувачка енергија и уште повеќе љубов за нашата преубава македонска традиција. За нашата музика. Можеби за ова издание и не може да се говори дека е комерцијално, но убедена сум дека е креирано да биде широко прифатено. Првенствено од сите генерации, а зошто да не и од сите нации. Музиката и спојот на стиловите се интернационални. Ако е музиката добра, ако те допира, не е важно на кој јазик е отпеана. Примарни се чувствува, емоцијата и енергијата со кои ќе се обидеме да допреме до публиката, кои сакаме да им ги пренесеме на гледачите. Најнапред се планирани неколку настапи низ Македонија, а потоа ќе видиме. Сигурно нема да останеме на тоа, но за сето она што допрва ќе се случува читателите навреме ќе бидат информирани преку медиумите и на социјалните мрежи.

Својот досегашен професионален живот го посветивте на зачувувањето на традицијата, македонската песна и идентитет. Колку за Вас се значајни ваквите проекти? Колку тие не’ прават горди и подготвени за културен натпревар во времево во кое живееме?

– Малкумина ја разбираат изворната, примарната форма на македонската музика и можат да ја слушаат. Особено младите генерации, освен оние кои од љубов членуваат во културно уметничките друштва па се сретнуваат некако со народната музика. Ова значи дека ако песните не се отпеани во примамлива варијанта, тие полека ќе изумрат. Затоа ваквите проекти, кои вклучуваат преработки на стари македонски песни се многу значајни. Нивната цел е да опстојат подолго и да не бидат заборавени.

Сепак, треба многу да се внимава при нивната изведба бидејќи песната покрај индивидуалниот пристап, нималку не треба да го изгуби својот карактер. Со оглед на тоа дека се работи за народна песна, песна која како своја сите ја прифатиле, таа до крај треба да остане народна песна. Стилот на песната треба да биде задржан, мелодијата да не се менува по потреба, украсите да бидат барем приближно до оригиналните, да не се претерува со мелизми и слично. Има многу примери како може да се удостои или уништи една песна при нејзината обработка. Не е едноставно да се удостои нечија легендарна изведба, но драго ми е што многу песни на ваков начин заживеале.

Ајде да се вратиме малку наназад. Од кого своевремено учевте да пеете? Кои македонски пејачки легенди, наспроти формалното музичко образование, извршија најмногу влијание на Вас за да го формира сопствениот стил на изведба? Со чија музика заспивавте и се будевте? Ја следевте семејната традиција или…

– Никој од моето семејство не се занимавал со музика. Јас сум првата. Се паметам себеси уште како дете, пеам со чешелот во рака пред огледало. Сонот на секое дете, барем на кратко, е да биде пејач/ка. Ете тој сон мене ми се исполни. Сега го живеам и верувајте, ù нема крај на мојата среќа. Иако додека бев во основно училиште сакав да пеам популарна музика. Кога станав ученичка во Музичкото училиште на одделот за традиционална музика и игра, сфатив дека народната песна е онаа што ми ја исполнува душата. Што ме тера да летам. Тогаш најмногу ја слушав Вања Лазарова. Од неа ги научив гајдарските украси и динамиката, извици, издишки…

 

Не знам по колку пати сум ги преслушувала и повторувала снимките, да ја чујам радоста, тагата и љубовта во гласот. Тука беа и легендите Васка Илиева, Костадинка Палазова, Рајна Спасовска, Тина Ташева… потоа и Воденки, Костурчанки, Бапчорки, Ињевки, Кирил Манчевски, Сариевски, Бадев… Тоа се само дел од имињата чии гласови се слушале бескрајни часови.

По што ќе го паметите безмалку дводецениски период од своето присуство на сцена? Имало ли моменти кога сте се преиспитувале за сопствениот пат? Можело ли поинаку? Што е она што Ве храбри и тера стамено да одите напред?

– Кога го завршив средното образование имав можност да продолжам да студирам во друга држава, далеку од Македонија. Конкурирав, но одлучив да останам тука и да го правам и работам она што најмногу ме исполнува. Тука е изворот на мојата работа. Тоа е единствената ситуација за која сум се запрашала неколку пати дали погрешив. Но, ако заминев ќе настојував да останам таму, а на тој начин ќе ја немав мојата професија од соништата и секако моето семејство, моето синче. Затоа знам дека мојот избор беше правилен. Со задоволство ги пеам македонските песни и ја претставувам Македонија каде и да одам.

 

Пејачка во „Монистра“ и потем член и солистка во „Танец“, проби, настапи, концерти, турнеи… сопруга и мајка… Имате ли време за сите обврски? Размислувате ли за продолжување на сопствената творечко-изведувачка приказна која подразбира и втор албум… и така со ред?

– Секако. Не само што размислувам за уште музика туку и однапред им се радувам на тие моменти. Јас жаивеам за песната, за музиката. Не би сакала овде да престане мојава приказна, бидејки списокот со големи песни кои чекаат да ги отпеам е многу долг и едвај чекам да им се посветам со достојна почит и восхит. Од друга страна, најпрво сакам да го промовирам албумот „Те кажувајет, Илино моме!“ со еден голем концерт. Да излезам пред публиката и да кажам: „Е, ова е моето првенче… ова е сонот што го сонував!“. Дури после ќе размислувам каков ми бил првиот самостоен чекор и како натаму. Каква би сакала да ми биде професионалната иднина. Тоа во моментов ми е оставено за некое друго, идно време во кое ќе треба да се вметнат и настапите и турнеите со „Танец“, оние со „Монистра“ и така со ред.

Инаку, со мојот сопруг Ристе, работиме заедно во „Танец“ како пејачи. Така што, работата на сцена и сите претходни подготовки за да излезам на подиумот нему му е сосема познати. Тој добро знае колку отсуство од домот подразбира тоа и колку труд треба да се вложи за сè да биде како што треба. Затоа имам големо разбирање од негова страна. Тој ми дава комплетна поддршка кога станува збор за нашава професија. А, кога сум со семејството сакам целосно да му се посветам на нашето синче Алексеј, да не ги почувствува отсуствата на мама. Покрај сопругот тука се моите или неговите родители, така што имам доста помош за да можам да го работам она што ме исполнува и сум бескрајно благодарна за тоа.

Насловна фотографија: Панајоти Шапкаров

Сподели