Во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје вечерва во 19 часот ќе биде отворена изложба на улична фотографија од Ана Палческа. Под наслов skopjEmotion таа ќе се претстави со дела 10 серии од фотографии направени од 2011 до 2023 година, групирани со невидливи нишки од поврзани сеќавања, емоции и состојби низ кои поминуваме заедно со нашиот град. Ова е нејзина прва самостојна изложба.
Палческа е родена во Скопје, се школува, работи и живее во својот роден град. Сериозно се занимава со фотографија од 2008 година. Фокусирана е на изразување преку документарната фотографија, но работи и во другите жанрови. Уличната фотографија ја разбира како составен дел од своето секојдневие, забележувајќи ги настаните, луѓето и случувањата околу себе. Учесник е на повеќе меѓународни и домашни групни изложби, каде е добитник на повеќе признанија и награди.
Изложбата ќе биде поставена во холот на „Браќа Миладиновци“, а ќе биде отвирена до крајот на месецот.





