Самата приказна по себе е брутална, но филмот и приказната изобилуваат со метафори и доста прашања се поставуваат и остануваат отворени
Пишува: Леонид Велковски
Страв. Она што го почувствував беше страв. Едноставно како траума, како посттрауматски стрес придружен со сите емоции од него, ми надоаѓаше и шокот, односно реализацијата која што ја добив по завршувањето на филмот.
Што има поболно од реалноста? Веројатно ништо. Тоа филмот и го докажува. „Соло Мод“ е краткометражен игран филм на режисерката Тамара Котевска, кој пред македонската публика премиерно беше прикажан на 21. издание на Фестивалот на европски филм „Синедејс“ како дел од MK Short програмата.
„Соло Мод“ може да се гледа од повеќе аспекти. Од една страна е комичен, од друга страна е доста реален, но помеѓу тие две нешта е застрашувачки. Иако приказната се одвива во Македонија, темата е универзална, секако ковид пандемијата, мерките, семејство. Можеби многу луѓе би го зеле за резерва пред да го гледаат, нели приказната за ковид е доста експлоатирана, но овој филм фрла ново светло на самата тематика.
Камерата во филмот е слободна во просторот, во движењата, филмот е снимен со документаристички пристап, но може да се каже дека и на некој начин тоа е стилот на Котевска. Филмот има доста несовршени кадри, односно случајни кадри, кадри кои едноставно одговараат или одговарале при монтажа, но несовршеноста на кадрите го прават филмот поверен. Меѓутоа филмот може да се каже дека е експеримент, затоа што е снимен со едно семејство, за време на ковид пандемија, во ограничени услови.
Филмот започнува така што го следиме семејството Микиќ, кое веднаш дознаваме дека се наоѓа среде ковид пандемија. Четиричлено семејство составено од татко, мајка и две деца. Мајката свири на харфа, поповлечена, таткото е оној кој го забавува семејството, се труди да го вклучи во семејните игри, им објаснува на децата за пандемијата. Решаваат да тргнат на пат, можеби на одмор кај бабата на село, мајката на таткото. Тоа и го прават, додека мајката свири на харфата иако знае дека концертот е откажан и нема да се случи.

Таткото постојано повторува за ковид мерките, како треба да се биде претпазлив, но интензитетот е различен пред да пристигнат во селото и откако ќе пристигнат. За подобра едукација на децата, но веројатно и да ја расположи сопругата, но и да ги стави сите во контрола, ноќта таткото измислува игра, друштвена игра, во која се вклучени сите од семејството, создава карта, мапа, но и фигуринки, кои претставуваат по еден член од семејството. Кој нема да ги почитува мерките за претпазливост, тој во играта умира, односно оди на пуст остров. Така и бабата, при обидот да не ги почитува правилата на играта, таа е заклучена. Од тој момент филмот тргнува во друга насока. Ликовите во филмот постануваат фигуринките, а секако нели, секогаш во некоја игра некој губи, тоа и тука се случува, само што истото е пресликано и во реалноста.
Мотивите се влечени од реалноста, религиски, конфликт помеѓу вербата и рационалноста, конфликт помеѓу детскиот и возрасниот свет. Повеќе изгледаше дека религиското и детското е правилно, наспроти рационалното и возрасното. Бабата припаѓа кај децата, таа е непослушна, таа го претставува отпорот заедно со децата. Она што треба да биде рационално, на крајот секогаш испаѓа комично. Мајката е растргната помеѓу љубовта, добрината и фанатичноста на својот сопруг. Всушност, татковската фигура, мудроста, постојано беше девалвирана, што поради фанатичноста, што поради комичноста. На крајот мајката завршува во шупа. Фанатичноста оди до таму да се пали, да се заклучува, за да се постигне целта, да се етикетира и тоа само за еден идеал, а тоа е здравјето и немањето вирус. Тензијата е постојана, а ја смируваат моментите на разговор помеѓу децата и родителите, кога се гледа искреноста и чистотата на децата. Претставено е и македонското секојдневие, начинот на карање, решавањето на конфликтите, подучувањето на децата, а и македонската храна.
Самата приказна по себе е брутална, но филмот и приказната изобилуваат со метафори и доста прашања се поставуваат и остануваат отворени. Прашањата се од универзално значење, историско, што значеше ковид пандемијата, тоа што ние го правевме како индивидуи, како општества, како човештво, беше глупаво, правилно, смешно, паметно? Дали ковид пандемијата беше игра, завера? Како бевме контролирани, дали бевме изманипулирани? Можеби сакајќи или не сакајќи, потсвесно или свесно, режисерката, глумците, но и публиката, односно филмот ги одговара овие прашања. Ако длабоко во нас чепнеме и го слушаме потсвесното, ги имаме одговорите. Застрашувачки, од оваа дистанца, од дистанца на завршена пандемија, сето тоа изгледало и изгледа на хорор. Филмот жанровски можеби и не изгледа на психолошки хорор, всушност е драма, но може и така да се класифицира, затоа што ние самите сме живееле во психолошки хорор, ако одиме по тоа дека уметноста ја имитира реалноста. Ако филмот беше прикажуван за време на ковид рестрикциите, за времетраење на пандемијата, сигурно различно ќе беше доживеан, односно ќе беше доживеан како комедија. Всушност публиката се смееше при прикажувањето на филмот, имаше комични моменти, нелогичните мерки за претпазливост, но јас го сфатив филмот доста сериозно и сметам дека смеењето беше одбранбен механизам против траумата која повторно ја доживувавме.
Филмот запрашува: Што е поважно, преживувањето или среќата?
Крајот на филмот е триумфален, ја заокружува целината, го одговара можеби најважното прашање. На крајот на играта, гледаме кој е победникот, а кој е губитникот. За жал немаме победници, имаме само губитник. Така и ние, како индивидуи, сме губитници, односно индивидуата во овој случај е губитник, а за сето она што сме мислеле дека е правилно, можеби и не било до толку. Филмот докажува дека човечката природа е посилна од која било рестрикција или мерка.





