Филмот за исландскиот инструменталист Олафур Арналдс го отвора „Скопје синема сити“

Во дворот на Кинотека вечерва во 19 часот ќе почне 7. издание на Филмскиот фестивал за музички документарни филмови „Скопје синема сити“. Фестивалот ќе трае 4 дена, денеска и утре и на 21 и 22 септември. Сите проекции ќе почнуваат во 19 часот, а билетите ќе можат да се набават пред проекциите на билетарницата на Кинотека. Фестивалот вечерва ќе го отвори уметничкиот филм „Кога ќе се родиме“ во режија на Винсент Мун, за филмскиот композитор Олафур Арналдс кој воедно е и „Артист во фокусот“. Истата вечер ќе биде прикажан филмот за џез великанот Мајлс Дејвис „Birth of the Cool“ со што ќе бидат одбележани 30 години од неговата смрт. Утревечер ќе биде прикажан филмот „The Hip“ на режисерот Јане Алтипармаков, а влезот ќе биде слободен. Следува филмот „B-Movie: Lust and Sound in West Berlin“ за боемската и декадентна сцена во Западен Берлин.

На 21 септември ќе биде прикажан краткиот филм „Angel’s Breath“ односно филм за музичката авантура на Милан Младеновиќ и Суба во Бразил кој го изнедри истоимениот албум. Во продолжение ќе биде прикажан филмот за Кирил Џајковски, „Современа музика за современа доба“ во продукција на ТВ Војводина. Филмот е портрет на Џајковски и неговите достигнувања во електронската и филмската музика, а осврт е даден и на неговото минато со бендовите „Бастион“ и „Леб и сол“. Филмот досега не бил прикажан во Македонија. Истата вечер ќе бидат прикажани „Трагачи по звукот“ (бесплатна проекција) и „Primal Scream: Изгубените снимки од Мемфис“. Последната вечер ќе бидат прикажани филмовите „Кејт Буш: Трчајќи по ридот“ и „Марк Болан: Космичкиот танчер“. Фестивалот го организира Здружението „Номад-Арт Скопје“ во соработка со Кинотека на Македонија, Гете Институтот и фондацијата Милан Младеновиќ.

Насловна фотографија: Youtube

Сподели