Филмот „Уништен свет“ на Зоран Попоски – финалист на фестивал во Хјустон

Кусометражниот филм „Уништен свет“ целосно генериран со помош на вештачка интелигенција на македонскиот дигитален уметник Зоран Попоски е избран за финалист на престижниот 56. Меѓународен филмски фестивал „Ворлдфест“ во Хјустон. Фестивалот е еден од најстарите и највлијателните независни филмски фестивали во САД, кој повеќе од 50 години препознава и наградува талентирани филмски автори.

– За мене ова е огромна чест и валидација на оваа иновативна техника за правење филмови. Благодарен сум што оваа платформа ја сподели мојата креативна работа и се вклучи во разговорите за вештачката интелигенција и уметноста – вели Попоски.

„Уништен свет“ е првиот кусометражен поетски филм во кој сите елементи (слика, звук и нарација) се создадени со помош на вештачка интелигенција. Филмот ја имаше својата премиера во Лос Анџелес во 2022 година и досега е прикажан на 18 меѓународни филмски и видео фестивали, каде што и освои неколку награди за најдобар поетски кусометражен филм и најдобар апстрактен филм.

Зоран Попоски магистрирал уметност во нови медиуми во Австрија и САД, а докторирал студии на културата во Скопје. Попоски има реализирано над 100 меѓународни изложби и е добитник на повеќе меѓународни награди за уметност.

Сподели