Филаделфија нема планини, Битола има. Затоа везден му се враќам на мојот сакан Пелистер

Токму релацијата Битола-Филаделфија е основа за актуелната изложба „Пресек: Дама со девет камења“ на Иванчо Талевски во Чифте амам

„Многу често, пред да почнам да работам, дали во Битола или во Филаделфија, од рани зори одам на бесцелни долги прошетки низ сокаци и во различни маала, низ места на кои не сум бил. Гледам како живеат луѓето. Тоа е слика, производ на еден ментален склоп, со сите свои убајни, мани и трауми. Траумите многу ме интересираат. Чудесно е колку влијаат врз нашето ментално обликување“, вели Иванчо Талевски, роден битолчанец кој неколку децении живее и работи во Филаделфија. Дипломирал на Институтот за уметност „Мериленд“, а магистрирал на универзитетот во Пенсилванија. Предава на универзитетот во Пенсилванија и Темпи во Филаделфија. Токму релацијата Битола-Филаделфија е основа за актуелната изложба „Пресек: Дама со девет камења“ кој во соработка со музичарот и композитор Васко Дуковски ја изложи во Чифте амам при Националната галерија.

„Пресек: Дама со девет камења“ е мултимедијален проект кој вклучува цртеж, графички техники, проекции и звук. Појаснете ни ја концепцијата, идејата на изложбата.

– Проектот го елаборира и проблематизира поимањето на минатото за да евоцира прашања од индивидуалната и колективната меморија, историја и припаѓање, нивното бележење, опстојување и бришење. Во центарот на овој проект се две збирки цртежи и нивното просторно осмислување. Почнувајќи од 2015 година, при моите чести патувања помеѓу Битола и Филаделфија, САД, јас со своите цртежи изработени со јаглен го бележам времето и просторот преку претставување на реакции од различни искуства, општествени процеси, феномени, случки и локации.

Паралелно со циклусот на цртежи, овој проект во форма на дијалог презентира едно мое долгогодишно истражување на изгубените 235 цртежи на собирачот на фолклорно творештво Марко Цепенков. Интерпретацијата и третирањето на архивските материјали од Цепенков се претставени преку една долгогодишна соработка, односно еден мој дијалог со музичарот и композитор Васко Дуковски, кој живее и работи во Шангај. Фокусирајќи се на изгубените цртежи на Цепенков, нивното значење, историја и потенцијална интерпретација, јас и Дуковски се стремиме кон проучување на звукот и цртежот, третирани како медиуми за еден генеративен и имагинативен процес на интерпретација на минатото, која се манифестира во аудиовизуална интервенција.

„Пресек: Дама со девет камења“ го третира цртежот како тенок опис при бележењето и интерпретацијата на историските и општествените процеси. Овој проект, изложен во просторот Чифте амам претставува една поширока адаптација и нова обработка на ова дело, кое за првпат беше претставено во Центарот за графика во Филаделфија, лани во септември.

Се чини дека животот на релација Битола-Филаделфија е срцевината на проектот. Колку овој географски дуализам влијае на Вашиот развој како ликовен уметник?

– Од една страна за мене има тематско значење и е појдовната точка од која произлегуваат моите цртежи кои ми овозможуваат да се насочам кон нештата кои ме интересираат. Од друга страна, тоа се две општествени, културни и политички средини кои ме оформиле како личност, како уметник, со сето тоа што во нив сум го доживеал. Просторот помеѓу Филаделфија и Битола за мене претставува тло за истражување и преиспитување на нештата. Во Апологијата на Сократ, Платон напишал: „Животот кој е неистражен, неиспитан, не вреди да се живее.“ Парафразирам. Потребна е храброст за човек самиот себеси да се преиспита, да размислува отворено и критички, кон себе и кон нештата околу себе. Верувам дека мојата работа во доменот на ликовната уметност ми овозможува да сум константно приклучен во тој процес на преиспитување.

Сите мои цртежи се настанати на овие две локации. Многу често, пред да почнам да работам на некој цртеж, дали е тоа во Битола или Филаделфија, од рани зори одам на бесцелни долги прошетки низ сокаци и во различни маала, често низ места на кои не сум бил. Гледам како и каде живеат луѓето. Сепак, онака како што е осмислен просторот во едно место и како тоа тој народот живее, на некој начин тоа е слика или производ на еден ментален склоп, со сите свои убајни, мани и трауми. Траумите многу ме интересираат. Чудесно е колку влијаат на нашето ментално обликување. Додека пешачам низ улици познати и непознати, думам за нештата под асфалтот кој го газам. Филаделфија, на пример, е град богат со историја, и чудесна, и мрачна. Во Филаделфија се и почетоците на процесите кон државноста на САД, тука е потпишана познатата декларација за осамостојување на САД. Доста знаменитости низ градот се повикуваат на таа историја, а во меѓувреме други истории се пикани под тепих, со векови, со децении. Поради големата градежна експанзија во последните десет години, често градежните работници наидуваат на збришани, потрупани и затрупани вечни почивалишта на лица од црнечката популација или од домородното население. И така, во последно време таа под тепих пикана историја сè почесто ни се истура пред нос, по улици, со протести, со дуќани запалени, поради гневот што некои работи, како што е институционалната опресија врз црнечката популација, сè уште трае.

Преку тие мои прошетки јас учам да обрнувам внимание. „Чоек ништо не прај без да е способен да обрни внимание.“ Истото го правам кога сум во родната Битола. Глетките кои ги прибирам стануваат дел од моето памтење, мојата меморија. Ги носам со себе за да потикнат прашања. За минатото, за сегашноста и за иднината. И преку цртеж се трудам да ги забележам. Според мене, цртежот, односно ликовното изразување е филозофска активност. Знајте, нашиот старец, Марко Цепенков, кој бил кројач по занает, одел по селана и градовите и си бележел – де песни, де приказни, де преданија, де цртежи. Фантастични се неговите цртежи. Мене тоа ме интерсира. Кревкоста на цртежот како потенцијал на медиум за бележење комплексни проблематики, како што е меморијата. Така, ден што го почнувам со талкање по сокаци и цртање е убав ден.

Дуализмот за кој ме прашувате ме има поттикнато да се посветам на творештво кое се надевам повикува кон разговор за еден покритичен и поширок пристап на согледување на нештата – кои сме и што сме. Моето согледување е дека индивидуата не е еднодимензионална и дека личноста во себе содржи мноштво од личности и идентитети. Така „Пресек: Дама со девет камења“ е еден вид отпор кон ригидни или крути категории или дефиниции. Поидувајќи од фактот дека потекнувам од Македонија и во неа многу често се навраќам, сериозно ме засегаат редифинирањата и на силум кроените дефиниции околу што сме, кои сме и како треба да се однесуваме според тие ограничувања. Политичките игри кои имат сериозни импликации налагаат редефинирање на нешта кои имале наталожен долготраен процес, вековен, со цел да се оформат некакви рамки со некаква надеж дека нештата ќе почнат да функционираат. Албер Ками во една прилика за ваквите пристапи напомнува дека, парафразирам, „Ние можеби добиваме некаква јаснотија, но губиме разбирање за нештата.“ Губењето разбирање или воопшто подлабоко размислување за нештата сериозно ме загрижува и засега.

Вие сте еден од ретките уметници родени во Македонија кои целото високо образование го стекнале во странство, во случајов САД. Колку тоа Ви помогна да се афирмирате на ликовната сцена?

– Секако дека можноста да се биде присутен во средини кои имаат развиена и разнолика мрежа во ликовната уметност и пошироко, овозможува прилики за остварувања, контакти и соработки кои биле мошне значајни и влијателни во мојот развој и моментално функционирање како автор. Тие имале, имаат и ќе имаат огромно влијание врз тоа кој сум јас како личност и како ликовен уметник. Тоа е огромна привилегија. Да се има можност да се посетат и да ви се достапни изложби на моментално најактуелните светски автори е од огромно значење во смисла на шанса да се посведочи или доживее еден важен аспект од импулсот на сегашноста во очите на современата уметност и сето тоа одблизу да се анализира и промислува.

Јас верувам дека тоа што го создавам е продукт од сиве овие искуства и другарувања од кои сум имал можност да учам, и сè уште учам. Само за пример – аудиовизуелната соработка на овој проект со Васко Дуковски, кој го запознав во САД, музичар и композитор родум од Охрид кој живее и работи во Шангај, е резултат на наше долго другарување од студентските денови кога заедно сме оделе по изложби и концерти во Њујорк. Со Дуковски сме оствариле бројни проекти и претставувања заедно тука во Македонија и во САД, и сум уверен дека допрва ни претстојат нашите најдобри заеднички создавања.

Каков е животот на уметниците во САД? Може ли да се живее од оваа професија?

– Угоре високо, удолу длабоко би рекол. Не сакам да генерализирам, искрен да бидам. Но, ќе се потрудам да дадам неколу примери кои се надевам ќе дадат една поширока слика за тоа како функционираат дел од некои автори и какви се дел од аспектите на ликовниот свет во САД. Тој свет сам по себе е огромен и неверојатно комплексен. Не постои едноставен начин да се објасни за тоа како да се живее од оваа професија или да се биде уметник. Зависи од тоа каква личност сте, што сè сте спремни да правите за нештата во кои верувате, кои се вашите идеали и вредности. Како и секаде, за да се биде уметник, потребен е огромен труд, жртва и адаптибилност. Сепак животот е краток, а ние сме двоножни фалични битија кои се движат кон својата смрт и имаат одредено време да пронајдат начин на живеење кој би дал некакво значење на самото наше постоење.

Во САД не постои добра стратегија за стимулирање на ликовната уметност од страна на државата. Генерално, таму сферата на уметноста е поткрепен од приватниот сектор, од приватни фондации, институции, галерии и колекционери. Со начинот на стимулирање на уметноста, дали е тоа централизиран, државен, локален или пак приватен, секогаш е присутен предизвикот околу концентрираната моќ и кој одлучува што вреди да се види и поддржи, а што не. Потребата да се демократизираат процесите за поддршка е континуиран предизвик на глобално ниво. Општо познато е дека ликовната уметноста низ историјата играла улога на китење на ѕидовите на буржоазијата. Секогаш постоела и сè уште постои класа на финансиски моќни личности или фамилии кои купувале дела, граделе колекции за да ја докажат својата „повисока“ свест или некој посебен вкус. Тоа до ден-денес опстојува и има доста влијание кон тоа како се одвиваат нештата. Верувам дека тоа е феномен кој функционира на глобално ниво.

Да се навратам на животот на некои уметници во САД… Имам блиски кои живеат во Њујорк, имаат по три работни места, живеат во мал апартман во Бруклин и секој момент го користат да творат, а во меѓувреме мора да се присутни на секакви настани и отворања на изложби. За нив приватниот живот и одржувањенто на фамилијарни односи или планирање на фамилија не е приоритет. Сè што прават е насочено за некоја галерија или колекционер да обрне внимание на нивното творештво. Други пак кренале раце од тој свет и нашле начин да најдат работно место кое им овозможува некаков пристоен живот, а во меѓувреме творат нешто што не е изложено на компромис на време и егзистенција.

Секако дека има доста автори кои доаѓаат од имотни и финансиски моќни семејства, па не мора да се замараат да се прехранат или да плаќаат кирија, па можат да си дозволат многу повеќе слобода и ризик. И секако постојат автори кои не ни ги допираат своите дела – ги создаваат нивни асистенти или работници, и тоа што излегува од нивните атељеа е веќе добро пласирано и барано, па имаат цели групи на асистенти кои ги продуцираат нивните дела. Во Филаделфија има доста галерии кои се создадени од групи на уметници чија цел е да ја подржат локалната сцена и со тоа овозможуваат простор за излагање на различен вид на творештво. За мене, најпозитивен аспект од тоа да се твори и живее во САД е што таму човек среќава автори од цел свет и секој си има свој пат и приказна, а од тоа човек може многу да научи.

Уметниците од Македонија често велат дека нашата ликовна сцена е многу мала, патот до светската слава во ликовната уметност е скоро неверојатен. Каква можност на ова поле нуди САД?

– Малите сцени сè почесто стануваат дел од глобалниот дијалог. Ова лето во Косово е во тек фестивалот за уметност „Манифеста“, еден од најпрестижните во светот. Малите сцени во околните земји нудат прекрасни примери со тековните активности на излагање, работилници и ликовни резиденции. Тоа што се случува моментално во Белград, Тирана, Софија и пошироко е надеж дека таа активност ќе прерасне во една подинамична регионална соработка, а со тоа ќе се запознаеме едни со други многу подобро, нешто што недостасува. Дали сцената е мала или голема е една работа, но влијанието или импакт-факторот е тоа што барем мене ме интересира. Нам ни фалат добри локални примери на размрдување на „статус квото“ и изговорите кои ги даваме поради тоа што сме земја која константно е во криза. Потребна ни е меѓусебна подршка и соработка која функционира вон институциите. Градејќи мали различни активни кругови кои се посветени да го шират значењето на уметноста, а со тоа градат своја публика би довело до значајна промена. Таа активност верувам дека би била забележана, испочитувана и вреднувана, тука и пошироко. Секако тоа не е едноставно и бара огромен ангажман, затоа е потребна заедничката соработка и поддршка. Една африканска поговорка вели: „Ако сакаш да одиш брзо, оди сам, но ако сакаш да одиш далеку, оди со други.“

Споредбата меѓу голема и мала сцена можам да ја споредам со една мисла – ако падне дрво во шума, многу често ќе остане незабележано, но ако падне дрво во некој двор, дефинитивно ќе биде забележано. Целењето да се остават трајни белези во тоа што го правиме како автори многу повеќе ме интересира. Живеам во Филаделфија и најважно ми е да сум поврзан со таа сцена, зашто ја сочинуваат автори со кои можам директно да комуницирам, да остварам средби во моето или нивното атељје, да разменам идеја одблизу. Тоа за мене многу значи. Во Битола во неколку наврати ми биле гости автори од САД, и сум организирал неколку изложби, и сите тие искуства биле прекрасни. Би сакал да го правам тоа почесто во иднина.

Каде се чувствувате повеќе свој, во Филаделфија или во Битола?

– Филаделфија нема планини. Битола има. И кога не сум крај нив, ми фалат. Големата урбана средина залага да се фокусираме на преживување, а кога сме во природа имаме шанса да го промислиме нашето постоење: Зошто сме? Што сме направиле? Затоа везден му се враќам на мојот сакан Пелистер.

Фото: Национална галерија на РСМ

Сподели