Македонски автори ќе учествуваат на Меѓународниот фестивал за аналогна фотографија, филм и музика „Аналогманија“ што почнува денеска во Темишвар, Романија. Организитаот на нашето учество е Фестивалот „Зрно“ кој веќе е препознаен како значаен промотор на аналогниот пристап во современата уметност. На „Аналогманија“, „Зрно“ ќе претстави со авторските изложби: „Исчезнување во пејзажот“ на Сара Сасани (Иран), „Гора – стебла“ на Стиг Марлон Вестон (Норвешка), „Ева Ристиќ и Време за чај“ на Емилија Сандиќ (Србија), „Воскреснување на старите мајстори: оживеани негативи од браќата Манаки“ на „Зрно“ во соработка со Државниот архив на Македонија во авторство на Сашо Алушевски и изложбата „Sehschärfenbestimmung“ (корекција на диоптријата) – 60 уметнички пристапи кон аналогната фотографија.
Во рамките на фестивалот, Алушевски ќе претстави неколку дела на македонските пионери на фотографијата и филмот, браќата Манаки, отпечатени на традиционален начин, со благородни историски фотографски техники – Ван Дајк и Цијанотипија.

Изложбата „Sehschärfenbestimmung“ ја организираат galerie.guerilla од Виена и „Зрно“.
– Изложба претставува разновиден спектар на креативни процеси засновани врз аналогни техники и естетики. 60 уметници, повеќето од Европа, се претставени со внимателно избрани дела. Изложбата нуди богат мозаик на идеи, концепти и визуелни истражувања, охрабрувајќи ги посетителите да се поврзат со визијата на секој автор – велат од „Зрно“.
Меѓу учесниците се и повеќе македонски автори: Ангела Грозданов, Анѓела Танчевска, Филип Ицовски, Ивана Цветаноска, Јелена Велинова, Кети Талевска Бакревска, Мартина Павлоска, Сара Ислам и Сашо Алушевски.
Во рамките на фестивалот ќе се одржат две работилници од тимот на „Зрно“ во соработка со Фото клуб „Ирис“. Денеска во 11 часот е закажана „Мордансаж техника“ на Емилија Сандиќ, а утре во 15 часот – „Креативна игра со полароид фотографија“ на Мартина Павлоска.
Насловна фотографија: Емилија Сандиќ – Ева Ристиќ – мордансаж; Момче во Смилевска носија VAN Dyke Brwon print; Француски војник VAN Dyke Brwon print (од лево кон десно)





