Иванка Апостолова-Баскар ја доби годишната награда „Ладислав Баришиќ“

Иванка Апостолова-Баскар за истражувачкиот проект „Вознемирен критичар – Вознемирувачка критика – Немирна ликовност“ ја доби годишната награда „Ладислав Баришиќ“ што ја доделува Здружението на ликовни критичари AICA Македонија. Комисијата составена од Елена Велјановска, Горанчо Ѓорѓиевски и Зоран Петровски, по разгледувањето на пристигнатите предлози едногласно ја донело одлуката, оценувајќи дека проектот на Апостолова-Баскар претставува значаен придонес во истражувањето на историјата на уметничката критика во Македонија, особено во контекст на делувањето на Ладислав Баришиќ, во чие име се доделува ова признание.

– Предложениот проект отвора нови критички и теоретски перспективи за разбирање на улогата на критиката во современата уметност и нејзините односи со уметничката практика денес. Како што е наведено во образложението, Апостолова-Баскар планира своето истражување да го развие во есеј-филм, кој вклучува компаративна анализа, интервјуа со историчари на уметност, критичари и уметници, како и визуелен сегмент што ќе го претстави процесот како динамичен дијалог меѓу теоријата, праксата и меморијата на критиката – вели жирито.

Членовите на комисијата ја истакнуваат актуелноста и храброста на темата, како и нејзиниот потенцијал да го разбуди полемичкиот дух во рамките на уметничката заедница и да иницира нови размислувања за функцијата на критиката во културните и општествените процеси. Тие констатираат дека по 10 години од востановувањето на наградата, предлогот на д-р Иванка Апостолова-Баскар е всушност прв предлог за труд којшто поаѓа од историјата на критиката во Македонија, видена низ призма на значењето на критичката активност на Ладислав Баришиќ чие име го носи наградата.

Ова се само дел од активностите на AICA Македонија за поддршка и афирмација на критичкото мислење, истражувачките и теоретските практики во современата уметност, како и за зачувување на меморијата и континуитетот на ликовната критика во Македонија.

Фото: Принтскрин

Сподели