Фестивал на македонски филм во Загреб за Денот на независноста на Македонија

Со свечено отворање на Фестивалот на македонски филм – македонски филмски класици во Загреб денеска ќе биде одбележан 8 Септември, Денот на независноста на Македонија. Фестивалот ќе почне со проекција на почетоците на македонската кинематографија – со ексклузивна проекција на целокупниот дигитално реставриран филмски опус на браќата Манаки, првите сниматели на Балканот. Одбележувањето го организираат македонската амбасадата во Хрватска и македонскиот Културно-информативен центар во Загреб, во соработка со Кинотеката на Македонија, Советот за македонско национално малцинство на град Загреб и Македонската православна црква во Хрватска.

Првото издание на патувачкиот Фестивал на македонски филм во Хрватска е посветен на македонските филмски класици. Во рамките на програмата ќе бидат прикажани четири долгометражни играни и исто толку краткометражни филмови, кои оставиле траен белег во македонската кинематографија. Тоа се филмски остварувања на реномирани македонски режисерски имиња, меѓу кои се Столе Попов, Љубиша Георгиевски, Милчо Манчевски, Димитрие Османли и Митко Панов.

– Благодарение на воспоставената соработка со Хрватската мрежа на независни киноприкажувачи, селектираните македонски филмови ќе бидат прикажани низ 13 градови во Хрватска, овозможувајќи пошироката хрватска публика да се запознае со историјата на македонската кинематографија – велат од македонскиот КИЦ во Загреб.

Според Бошко Грујоски, директорот на Кинотеката на Македонија, патувачкиот Фестивал на македонски филм е прв ваков фестивал надвор од државата.

– Македонската кинематографија воспоставува директна комуникација со една интернационална мрежа на независни киносали – Хрватската мрежа на независни киноприкажувачи. Оваа иницијатива на македонскиот КИЦ во Загреб ја позиционира Македонија на пошироката филмска мапа и го отвора патот за подлабока културна размена – вели тој.

Фестивалската програма ќе биде збогатена и со изложба на македонски филмски плакати, богат филмско-архивски материјал, кој има значајно место во промотивната, визуелната и естетската перцепција на филмот како комплексен културен производ. Изложбата „Македонски филмски плакат 1952-2022“ ќе биде поставена во македонскиот Културно-информативен центар во Загреб. Ќе бидат изложени автентични филмски плакати од антологиски филмови, чие графичко и ликовно решение претставува жив сведок на развојот на филмот како уметност и културно огледало на времето во кое тие филмови се создавале.

– Целта на изложбата и филмската програма е да ги доближат македонската култура и македонското филмско наследство до хрватската јавност, потсетувајќи на заедничките културни врски и проникнувања што ја одбележаа некогашната заедничка филмска сцена – вели директорката на македонскиот КИЦ, Мими Ѓоргоска-Илиевска.

Сподели