Македонскиот Национален џез оркестар и Рамбо Амадеус изведоа феноменален концерт на отворањето на Сараевскиот џез фестивал (Jazz Fest Sarajevo 2024). „Богати аранжмани, врвната музичка изведба и хуморот на Рамбо со долгите овации од публиката, го направија годинешното издание на Сараево џез фестивал врвно доживување“, пишуваат сараевските медиуми.

Концертот беше распродаден еден месец однапред. Народниот театар во Сараево беше претесен за многубројната публика. Според написите во сараевските медиуми, настапот ќе се памети долго.
Со 18-те члена на оркестарот се најде добро познатиот репертоар на Рамбо во аранжмани за Биг бенд. Посебно изненадување за публиката беше гостувањето на сараевската оперска првенка, Аида Чорбаџиќ на песната „Е мој Рамбо“.

– „Халид инвалид Хари“, „Балкан бој“, „Цар“ и многу други хитови звучеа совршено во новите аранжмани, а Рамбо беше испратен со овации и аплаузи – пишува порталот „Депо“ од Сараево.
Националниот џез оркестар беше предводен од маестро Џијан Емин, а настапија трубачите Трајче Велков, Сенад Усеин и Јордан Колески, саксофонистите Кирил Кузманов, Борислав Веселинов, Славко Ѓорѓиев, Валентин Видовиќ, Иван Трајаноски, тромбонистите Сашко Николовски, Филип Богоевски, Енис Мехмедов, Никола Ристевски, гитаристот Зоран Костадиновски, бас гитаристот Дарко Мучев, пијанистот Гордан Спасовски, на ударалки Виктор Филиповски и тапанарот Гоце Стевковски.

Саревскиот интернационален џез фестивал постои од 1997 година, а во 2019 година доби европска награда за извонредна програма. На овогодинешното издание на сцената настапија повеќе од 60 музичари со 11 концерти, еминентни имиња на европската, американската и светската џез сцена.






