Кратко документарно видео за константното загадување и уништување на реката Вардар изработи групата урбана герила/урбани уметнички акции која функционира во рамките на Центарот за современи уметности. На видеото се прикажани канализациите и отпадните води кои се влеваат во Вардар од нејзиното извориште во Вруток, па сè до излезот од Скопје.
– Сакаме да ги информираме граѓаните за тивкото долгогодишно уништување на нашата најголема река и да се обидеме да ја подигнеме свеста на надлежните – Министерство за животна средина и локални самоуправи, за проблемот со загадувањето на Вардар, но и на другите водотеци и езерски басени во Македонија. Не сакаме и не можеме да се помириме со фактот дека сите наши реки со проток поголем од 3 кубни метри во секунда се декларирани како загадени, значително или екстремно загадени. Нашите езера се борат за спас и преживување, а сето тоа се случува во период на глобално затоплување и климатски промени – велат активистите.
Видеото прикажува десетина поголеми цевки кои значително ја загадуваат, уништуваат и ја убиваат реката правејќи ја водата од Вардар неупотреблива. На само 50-на километри од изворот, Вардар доаѓа во највисоката категорија на загаденост (вода која не смее да се користи за ништо), за веќе во Скопје да се карактеризира вон секоја мерлива категорија. Со таа категорија Вардар продолжува да тече низ поголемиот дел на Скопската Котлина и надолу во Повардарјето па сè до Демир Капија, каде водите на Вардар повторно се категоризира во 4. и 5. класа на загаденост.
– За време на изработката на ова видео дојдовме до аматерски измерени податоци дека вкупниот прилив на канализации и отпадни води од изворот во Вруток до Скопје изнесува околу 900-1000 литри во секунда, а протокот на Вардар во Скопје, кога се исклучени мавровските и централите на Треска изнесува едвај 6-7000литри во секунда, што покажува дека скоро 1/6 од водата на Вардар е канализација – велат активистите.
Преку акцијата тие ги прашуваат одговорните, до каде се пречистителните станици? Тие им заблагодаруваат на спортските риболовци во детектирањето на цевките и снимањето на видеото.





