Во Градскиот парк во Скопје вечерва во 20.30 часот Македонската филхармонија ќе го изведе традиционалниот концерт под отворено небо. Под наслов „Фантазија“ на програмата е музиката од анимирани филмови од продукцијата на „Дизни“. Диригент е Тимоти Редмонд од Велика Британија, а како солисти ќе настапат сопранистката Биљана Јосифов, тенорот Денис Димоски и бас баритонот Иван Наумовски.
Ќе бидат изведени избор на композиции од: „Малечката сирена“, „Убавицата и ѕверот“, „Херкулес“, „Покахонтас“, „Аладин“, „Книга од џунглата“, „Снежно кралство“, „Кралот лав“, „Приказна за играчките“.
– Насловот на концертот е извлечен од истоимениот анимиран филм „Фантазија“ во кој дејството се гради на осум класични музички дела во изведба на Филхармонискиот оркестар од Филаделфија под диригентската палка на Леополд Стоковски – вели Мустафа Имери, директор на Филхармонијата.
Музичката изведба ќе биде надополнета и со видео-фрагменти од филмовите и со специјално осветлување кое на публиката ќе ѝ понуди уште едно незаборавно доживување под отворено ѕвездено небо со оркестарот на Филхармонија.
Светот на Дизни е полн со фантазија и фантастична музика, вели диригентот Тимоти Редмонд од Британија.
– Ова е музика која зборува со сите генерации, нè враќа во нашето детство. Сите сме ги гледале овие филмови, а сега ќе имаме можност да ја чуеме само музиката, преку феноменалната оркестрација и преку звукот на оркестарот и солистите. Уживаме во целиот проект, секоја композиција буди различни емоции. Ќе имаме одличен концерт – вели Редмонд.
Солистите Биљана Јосифов и Иван Наумовски истакнаа дека ова е уникатна можност да излезат од класичните рамки на оперското пеење и да се претстават пред публиката преку нов израз.
Насловна фотографија: Од минатогодишните изданија на традиционалниот концерт





