„Уметност во простор“ од уметниците Катерина Деспот и Касиопеја Наумоска во Прилеп

Во ликовната галерија на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп вечерва во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Уметност во простор“ од уметниците Катерина Деспот и Касиопеја Наумоска. Во поставката авторките ја обработуваат темата на интимноста преку специфичен визуелен пристап, кој произлегува од внимателно „грабнување со поглед“ на моменти од секојдневната реалност. Преку суптилна обработка на емоциите и нивната визуелна интерпретација, го изразуваат својот карактерен уметнички манир, обидувајќи се да ги доловат и сокријат истовремено.

Славниот шпански уметник Пабло Пикасо рекол: „Апстрактната уметност не постои. Секогаш мора да започнеш од нешто. После можеш да ја отстраниш целата видливост, но не можеш целосно да се ослободиш од реалноста.“

– Во „Уметност во простор“ интимниот ефект е постигнат преку свесен фокус врз предметната стварност, со што се гради простор исполнет со колоритна носталгија, која од една страна потсетува на плакатната уметност, а од друга страна отвора длабоки лични и емотивни слоеви преку фрагментирани еротиконски форми. Овие елементи функционираат како движечки принципи при конструирањето на интимизираната слика, каде вниманието на гледачот постојано се задржува на горниот ракурс. Фрагментираните композиции и нивната колажна поставеност внесуваат динамика, брзина и силна женска енергија. Секое визуелно парче содржи синестетско проживување на моментот, каде линијата се трансформира во емоција, а формата во сеќавање – пишува Бранче Трајкоски за изложбата.

Сподели