Околу 80 експонати од богатата етнолошка збирката на Заводот за заштита на спомениците и музеј од Охрид се изложени во рамките на поставката „Прстенот – симбол на завет, статус, моќ – од етнолошката ризница на Охридскиот музеј“ отворена во Куќата ан Робевци. Предметите се изработени главно од сребро во филигранска техника и украсени со полускапоцени камења, украсни стакленца и висулци – трепетушки. Раководителка на проектот е Оливера Мишева, виш кустос етнолог во охридскиот Завод и музеј.

Оливера Мишева
– Тоа се врвни изработки на мајсторите кујунџии од Охрид, Струга и Дебар кои датираат од крајот на 17 до средината на 20 век – велат од Заводот и музеј од Охрид.
Презентирани се машки и женски прстени, прстени-печатници со натписи и иницијали, столовати масивни прстени, прстени со кубести глави богато украсени со филигран и украсни камења и стакленца и прстени во вид на бурми.

Кустосите објаснуваат дека прстенот е задолжителен накит за рацете без разлика на родовата, етничката или класната припадност уште од времињата на најстарите култури и цивилизации. Најзастапен, а некогаш и единствен накит. Покрај брачната функција, прстенот-печатник добива функција како обележје на статусот во рамки на државата, црквата, професијата и семејството.

– Но, заради неговата мистичност поврзана со неговиот облик на круг, се верува дека прстенот поседува и заштитна, прочистувачка, магиска и лековита моќ. Тој е накит што се употребува и денес. Како брачен симбол, но и симбол на социјалниот статус, на моќна функција, а особено како одреден стил и мода на украсување. Но, секогаш ќе остане симбол на завет, единство, моќ, авторитет, достоинство и вечност – велат од Заводот и музеј од Охрид.

Фото: Завод и музеј од Охрид





