„Етноастрономската карта на македонскиот народ“ ќе биде номинирана во УНЕСКО

Во Управата за заштита на културното наследство почна изработка на ново номинациско досие за „Етноастрономската карта на македонскиот народ“ што ќе биде поднесено во УНЕСКО, како нематеријално културно наследство. Покрај претставниците на Управата, во тимот членува и Ванчо Стојкоски, претседател на Македонското истражувачко друштво, кое пред околу три години ја објави интернет-страницата „Етноастрономија“ (https://ethnoastronomy.mid.org.mk/).

На стринацата се претставени Уши (Касиопеја), Орач со волови (Орион), Квачка (ѕвезденото јато Плејади), Волци (сјајните ѕвезди Сириус и Проксион), Софра (соѕвездието Сверена Круна), Јарем (Персеј), Арамии (Големата Мечка), Гумно (галаксијата Андромеда), имињата на автохтоните, македонски пандани на познатите соѕвездија.

Тимот од Управата / Фото: УЗКН

Во што верувале луѓето на овие простори, како си ги објаснувале небеските појави, како го нарекувале тоа што го гледале на небото, се дел од содржините страницата. Тие се резултат на 40-годишни истражувања во околу 130 села во Македонија, интервјуирани се повеќе 1.000 испитаници, претежно постари лица.

– Етноастрономијата изучува еден многу важно поле од науката – космологијата или кажано со други зборови, светогледот. Тоа е една од најважните карактеристики што го дефинира еден народ и го разликува од друг. Народот барал одговори на прашањата поврзани со природните појави на небото, циклусите во појава на одредени небесни тела, но и толкувања на некои тогаш непредвидливи небесни појави. На Сонцето и Месечината им се давале карактеристики на живи суштества, а се познавале и некои планети, најмногу Венера. Помеѓу ѕвездите се создале посебни претстави, соѕвездија, кои се карактеристични само кај нас – вели Стојкоски.

Поради тоа што луѓето во минатото не правеле разлика помеѓу атмосферските и вселенските појави, неминовно беше да се истажат и метеоролошките појави, кои Македонското истражувачко друштво ги класифицирало во една посебна група, етнометеорологија.

Ванчо Стојкоски

– Кај нас овие преданија во најголем дел се пренесувале од генерација на генерација по устен пат. Поради генерацискиот јаз и современиот начин на живот, денес старите верувања исчезнуваат. Со тоа се губи и една многу важна супстанција кој го обележува нашиот народ како посебен. На почетокот на 80-тите години од минатиот век неколкумина ентузијасти, членови на астрономскиот клуб „Квазар“, се запрашале дали во народот има некакви претстави за соѕвездијата како оние кои ги изучуваме во астрономијата. Тие очекувале дека можеби ќе се сретнат со соѕвездија кои претставуваат стари божества од претхристијанскиот период или некакви други моќни сили – вели Стојкоски.

Во 1982 година, во рамките на Младински истражувачки акции, Ѓоре Ценев и Марјан Николовски организирале Проектна истажувачка акција „Етноастрономија“, во рамките на која дваесетина млади теренски истражувачи поминале низ повеќе села од југозападна Македонија. Во последните години на истражувачите им се придружи и фотографот Љупчо Илиевски, кој ги документирал патувањата низ Македонија.

Целото интервју со Ванчо Стојкоски објавено на Умно.мк на линкот.

Сподели