Поради генерацискиот јаз и современиот начин на живот, денес старите верувања исчезнуваат. Со тоа се губи и една многу важна супстанција кој го обележува нашиот народ како посебен, вели Ванчо Стојкоски, претседател на Македонското истражувачко друштво

Уши (Касиопеја), Орач со волови (Орион), Квачка (ѕвезденото јато Плејади), Волци (сјајните ѕвезди Сириус и Проксион), Софра (соѕвездието Сверена Круна), Јарем (Персеј), Арамии (Големата Мечка), Гумно (галаксијата Андромеда), се имињата на автохтоните, македонски пандани на познатите соѕвездија. Во што верувале луѓето на овие простори, како си ги објаснувале небеските појави, како го нарекувале тоа што го гледале на небото, се дел од содржините на интернет-страницата „Етноастрономија“ (https://ethnoastronomy.mid.org.mk/) која е активна неколку месеци. Тие се резултат на 40-годишни истражувања во околу 130 села во Македонија, интервјуирани се повеќе 1.000 испитаници, претежно постари лица. За идејата да се претстави етноастрономијата на македонскиот народ разговараме со Ванчо Стојкоски, претседател на Македонското истражувачко друштво. По професија е радиолошки технолог, вработен во Унивезитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје.

Ванчо Стојкоски

За астрономијата се интересирал уште во основно училиште. Поради тоа што астрономијата кај нас никогаш не била воведена како предмет во основното образование, со оваа егзактна наука се запознал и ги следел новитетите преку списанијата достапни во тоа време кај нас:„Галакскија“, „Васиона“, „Човек и свемир“ и сл. Подоцна наоѓал литература во Американскиот културен центар и Францускиот културен центар. Во 1982 година станал член на астрономскиот клуб „Квазар“, а од 1986 година проеку курсевите во клубот се здобил со звањето предавач при Планетариумот во Скопје. Стојкоски е еден од основачите на Македонското асрономско друштво и на Скопското астрономско друштво. Во моментов е член на Претседателството на Македонско истражувачко друштво каде раководи со неколку проекти.

Како почна Вашиот интерес за астрономија?

– На почеток на осумдесетите години преку оглас во еден неделник стапив во контакт со здружението на љубители на астрономијата и научната фантастика „Којоти од Сириус“. Поради тоа што ова здружение немаше сопствени простории и средства за работа, решивме колективно да преминеме во Астрономскиот клуб „Квазар“ кој работеше во тогашниот Дом на млади „25 Мај“, денес Младински културен центар.

Покрај редовните состаноци, клубот организираше предавања, курсеви и трибини на теми поврзани со астрономијата и сродните науки. Особено важна улога имаше тоа што голем дел од овие активности се одржуваа во Планетариумот при МКЦ, каде што многу полесно се запознававме со изгледот на ѕвезденото небо, онаково како што се гледа надвор од градовите без атмосферското и светлосното загадување.

Што всушност претставува етноастрономија?

– Етноастрономијата изучува еден многу важно поле од науката – космологијата или кажано со други зборови, светогледот. Тоа е една од најважните карактеристики што го дефинира еден народ и го разликува од друг. Народот барал одговори на прашањата поврзани со природните појави на небото, циклусите во појава на одредени небесни тела, но и толкувања на некои тогаш непредвидливи небесни појави. На Сонцето и Месечината им се давале карактеристики на живи суштества, а се познавале и некои планети, најмногу Венера. Помеѓу ѕвездите се создале посебни претстави, соѕвездија, кои се карактеристични само кај нас.

Поради тоа што луѓето во минатото не правеле разлика помеѓу атмосферските и вселенските појави, неминовно беше да се истажат и метеоролошките појави, кои ги класифициравме во една посебна група, етнометеорологија. Кај нас овие преданија во најголем дел се пренесувале од генерација на генерација по устен пат. Поради генерацискиот јаз и современиот начин на живот, денес старите верувања исчезнуваат. Со тоа се губи и една многу важна супстанција кој го обележува нашиот народ како посебен.

Кога почнале истражувањата во Македонија и кои се пионерите на ова поле?

– На почетокот на 80-тите години од минатиот век неколкумина ентузијасти, членови на астрономскиот клуб „Квазар“, се запрашале дали во народот има некакви претстави за соѕвездијата како оние кои ги изучуваме во астрономијата. Тие очекувале дека можеби ќе се сретнат со соѕвездија кои претставуваат стари божества од претхристијанскиот период или некакви други моќни сили.

Ѓоре Ценев (лево) на терен

Во 1982 година, во рамките на Младински истражувачки акции, Ѓоре Ценев и Марјан Николовски организирале Проектна истажувачка акција „Етноастрономија“, во рамките на која дваесетина млади теренски истражувачи поминале низ повеќе села од југозападна Македонија.

Древните народи одамна гледале во ѕвездите, божицата Нут го држела небото во египетскиот пантеон. Засега Кокино е најстарата архео-астрономска опсерваторија каде наоѓаме докази дека и нашите претци ги забележувале позициите на ѕвездите. Какви биле нивните верувања?

– Археоастрономската анализа на Кокино, како и археолошките наоди ја датираат оваа древна опсерваторија околу 2000 година п.н.е. Нејзина главна функција како опсерваторија била следење на периодичните промени на движењата на Сонцето и Месечината и е потврдено постоење на месечев календар со циклус од 19 години. Наодите овозможуваат и реконструкција на обреди поврзани со движењата на овие две небесни тела. Но, иако богат со археолошки артефакти, овој локалитет нема наоди со пишан материјал и не ни дава информаци за други астрономски претстави, како што се Млечниот Пат, соѕвездијата и слично.

Сепак, резултатите од етноастрономските истражувања покажуваат дека некои претстави присутни во народот, како што е на пример митот за змејот и ламјата, преданијата за жени маѓеснички кои ја симнуваат Месечината и ја претвораат во крава и други, ни кажуваат дека голем дел од претставите за небото кај нас потекнуваат од многу далечно минато, од претхристијанскиот и пред античкиот период.

Што Ве поттикна да ја направите интеренет-страницата ethnoastronomy.mid.org.mk и која е нејзината мисија?

– Обединетите Нации во 2004 година го прогласија небото како светско наследство. Во тие рамки, а земајќи ги верувањата поврзани со небото како наше културно наследство кое трба да се спаси од заборав, членовите на нашето Друштво во континуитет работат на собирање и презентација на овие информации пред стручната и широката јавност кај нас и во светот.

Фото: Архива на МИД

Од 2012 година Друштвото е акредитирана членка при Комитетот за нематеријално културно наследство при УНЕСКО. Во рамките на нашите можности ние правиме колку што можеме за да ги заштитиме овие древни преданија. Една од формите за прикажување на овие информации посебно до помладата популација е токму изработената веб презентација. Нејзината изработка е поддржана од Министерството за култура.

На соѕвездијата се претставени и многу автохтони имиња за кои малкумина слушнале. Од каде ги добивте сиве овие податоци?

– Од 1982 година во континуитет се вршат теренски истражувања на ова поле. Досега се поминати над 130 села и се интервјуирани повеќе од илјада испитаници, главно постари лица. Ние успеавме да лоцираме дел од народните соѕвездија, но постојат некои информации за соѕвездија кои сè уште не сме ги позиционирале на ѕвездената карта.

Како резултат на овие истражувања во 2004 година е издадена засега единствената книга од оваа област „Небото над Македонија“ од авторот Ѓоре Ценев. Фактот дека космогониските митови и обреди кај македонскиот народ за првпат се забележани во писмена форма во оваа книга и дека досега тие биле пренесувани од колено на колено по устен пат, тогаш зачудува како тие опстанале толку долго.

Во Македонија астрономијата се изучува како посебна наука, исто како и етнологијата. Постојат ли интердисциплинарни изучувања на етноастронимија во рамките на формалниот високообразовен систем?

– За жал не. Во неколку наврати беа организирани предавања во Планетариумот на тема „Етноастрономија“ за различни групи на посетители, помеѓу кои и за студенти на Институтот за етнологија и антропологија, но тоа беа предавања од информативен карактер. Своевремено и општите предавања во Планетариумот вклучуваа и информации од народните верувања на нашиот народ поврзани со небото. Сепак, имаме комуникација со Институтот, како и со други етнолози и фолклористи и се надеваме дека токму оваа веб страница ќе биде провокација за поинтензивна соработка.

Раскажете ни некоја анегдота од многуте патувања низ различните краишта на Македонија.

– Анкетирањето на испитаниците се базира на прашалник кој служи како водич во интервјуто. Тој содржи и прашање за обреди поврзани за привикување на дожд кога владее суша. Кај народот е најпознат обредот „Додоле“ – се пеела песна за да заврне. Во летото 1983 година на теренот на Северозападна Македонија, редовно ги прашувавме испитаниците за обредот „Додоле“ и тие со радост ни ја пееја песната. И за наша жал, редовно после пладне врнеше дожд. Морам да нагласам дека логорувавме во шатори. По неколку дена, се договоривме да прашуваме во народот за „Додоле“, за содржината на текстот, но без да ја пеат песната. И за големо чудо, дождовите прекинаа. Ги немаше до пред крајот на акцијата.

Некаде пред крај на теренските истражувања, еден од нашите другари преслушуваше снимки на касетофон од некои претходни анкети. При тоа случајно наиде на снимка од „Додоле“. И нема да верувате, за половина час заврна толку силен дожд, вистинско невреме, што моравме да го напуштиме логорот и да се сместиме во блиското училиште. Од тогаш постојано внимаваме кога и како прашуваме за овој обред.

Во кој правец ќе се развива интернет-страницата?

– Пред сè, планираме да направиме англиска верзија, затоа што сме обврзани да се презентираме пред УНЕСКО, но и полесно да стапиме во контакт со други заинтересирани кои работат на полето на етноастрономија од целиот свет. Понатаму, планираме да отвориме и блог секција каде што ќе ги презентираме наодите во поширока форма. Исто така, планираме овие наоди да ги презентираме и во други современи мултимедијални форми блиски до помладите генерации на социјалните мрежи.

Целта не ни е само да ги запознаеме со еден важен сегмент од нашето културно минато, туку и да ги поттикнеме и тие самите да создаваат свои уметнички креации инспирирани од ова наше национално богатство. Тоа е единствениот начин на кој ќе постигнеме самоодржливост и ќе ги спасиме овие драгоцени преданија од заборав.

Фото: Љупчо Илиевски

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.