Еразмус + во „Златан Сремeц“: Развиваме позитивни емоции, самодоверба, социјални вештини кај учениците

Со или без попреченост, секој ученик може и секој ученик умее да се изразува преку уметноста, која нуди толку многу можности – велат наставници од ОУРЦ „Златан Сремец“ од Скопје, кои се дел од Еразмус+ проектот Art/reatment with smiling receipt.

Неодамна (5 до 9 јуни) во местото Аркалохори, Крит се одржа последната мобилност во рамки на Еразмус+ проектот.

– Како што кажува и самиот наслов, уметноста е таа што поттикнува на креативност, кон создавање на уникатни дела на кои секој од нас се радува и на крајот предизвикува насмевка. Уметноста нуди толку многу можности. Проектот започна во 2019 година,во координација на училиште од Тулчеа, Романија (Scoala Gimnaziala Alexandru Ciucurencu). Освен ОУРЦ „Златан Сремец“, во проектот учествуваат и училишта од Тарсус, Турција (Emine Boro Ortaokulu), 2о Dimotiko Sholio Arkalohoriou од Крит, училиште од Јасло, Полска – велат од „Златан Сремeц“.

Проектот започнал во ноември 2021, а заврши месецов, при што се реализираа посети на партнер-училиштата.

– Учесниците во овој проект имаа можност да се запознаат со образовните системи во земјите-партнери во проектот, инклузивното и посебно образование, како и со разните гранки на уметноста кои имаат една заедничка цел,насмевка на лицата на учениците. Преку различни уметнички начини на изразување се реализираат активностите кои поттикнуваат практична примена и корелација при планирање на инклузивни наставните програми. Развивање на позитивни емоции и љубов кон уметноста е една од главните цели на овој проект која ова партнерство ќе ја постигне преку зајакнување на компетенциите на наставниците и учениците за имплементација на драма, музика, танц, балет, спортски активности, рециклирање, сликарство, литература (поезија), изработка на керамика, театар со сенки. Истите ќе придонесат за развој на самодовербата, социјалните и комуникациски вештини, развој на моторните вештини кај учениците – велат од скопското училиште.

Оттаму велат дека и во иднина ќе продолжат со својата ангажираност и посветеност во полето на реализацијата на Еразмус+ проектите.

– Стекнатите знаења, искуства и размени на добри практики, посетените едукации како акредитирано училиште, доведуваат до поквалитетна реализација на воспитно -образовниот процес – велат од наставниот кадар.

Сподели