Ентони Наумоф: Талентираните деца се благослов за Македонија

Наумоф е генерален директор на компанијата Cosmic Development која лани го поддржа нашиот млад математичар Дамјан Давков

Да се има 16-годишно македонско дете, со неверојатна интелигенција и талент по математика и информатика, кое постојано освојува злато и сребро на секакви првенства… тоа е дар за сите нас во земјава. Тоа е благослов, вели Ентони Наумоф, генерален директор на компанијата Cosmic Development која лани го поддржа нашиот млад математичар Дамјан Давков. И самиот има инспиративна приказна за Американец со македонско-италијанско потекло. Роден е и израснал во Чикаго, a дипломирал на Универзитетот во Канзас, кога решил академското образование го продолжи во Македонија, каде што е роден неговиот татко. Од мала канцеларија во Скопје, по 15 години Наумоф раководи со компанијата ориенирана кон IT индустријата, која има канцеларии во Торонто, Скопје, Битола и во Белград и повеќе од 150 вработени.

Ентони Наумоф (лево) и Дамјан Давков

Покрај другите забележителни чекори во 2024 година, Cosmic Development направи и филантропски гест – поддршка на младиот математичар Дамјан Давков. Како се роди оваа идеја?

– Cosmic Development е компанија која секогаш се стреми да инвестира во следната генерација и да ги поддржува најголемите таленти во нашата земја. Како ИТ компанија, сакаме да инвестираме во области поврзани со нашиот бизнис и особено во младите, бидејќи тие се нашата иднина. Нашата стратегија за годишни спонзорства е секогаш поврзана со пронајдоци, препознавање на таленти, а ги таргетираме науката, културата, спортот и која било друга област што е од корист за нашето општество. Бидејќи нашата работа налага да бидеме вклучени и да сме во тек со овие теми, не беше тешко да дојдеме до Дамјан Давков. Да се има 16-годишно македонско дете, со неверојатна интелигенција и талент по математика и информатика, кое постојано го освојува злато и сребро на секакви првенства … тоа е дар за сите нас во земјава. Тој е нашиот најдобар амбасадор во светот. Фокусот во 2024 година на Cosmic Development беше наука, па одлуката беше едногласна дека Дамјан е тој што навистина му треба и заслужува наша поддршка.

Зошто токму Дамјан и зошто решивте да го поддржите тоа што тој го работи?

– Дамјан е најдобриот млад математичар, благослов за нашата земја. Тој беше таква инспирација и предмет на восхит за сите нас во компанијата додека ги читавме вестите за неговите достигнувања. Сите треба да инвестираме и да ги поддржиме талентите слични на него, затоа што ни требаат идни генерации кои ќе останат тука, ќе го дадат својот максимум и навистина ќе помогнат Македонија да се движи кон иднината.

Што планирате со оваа иницијатива? Дали ќе прерасне во традиција, како долгорочен план за поддршка на младите талентирани деца во Македонија?

– Дефинитивно ќе продолжиме да ги поддржуваме младите, талентирани деца во Македонија. Спонзорирањето на најсјајните ѕвезди е веќе наша традиција. Дефинитивно ќе продолжиме и во наредните години.

Во однос на оваа мисија, дали ја гледате како успешен пример за останатите големи компании да ја следат и да се приклучат на акцијата?

– Секако. Навистина сме горди и среќни што можеме да го направиме ова и се надевам дека ова ќе биде пример за сите компании и поединци да се приклучат на нашата акција.

Пред две години компанијата ја поддржа и иницијативата „Оствари желба“ на Народниот театар од Битола поврзана со новогодишните празници…

– Нашата компанија има своја добротворна политика за тивки донации или поддршка таму каде е потребно. Ова пракса ја имаме со години и е нешто што навистина го сакаме и негуваме.

Пред две години добивме повик за иницијативата на Народниот театар, беше посветена на децата, на оние на кои им е најпотребна, а желбите беа навистина трогателни и искрени. Решивме да ја покриеме целата листа на желби и да ги израдуваме сите деца за празниците. Тоа беше навистина посебно за нас. Сакаме и планираме да го повториме.

Вашата компанија има многу интересна приказна која е поврзана со животот и работата во САД и Македонија. Да се има успешна компанија речиси 15 години во ИТ сферата во оваа земја е навистина инспиративно. Што планирате во 2025 година?

– Со гордост можам да кажам дека сме едни од пионерите во оваа област на работа и бизнис во земјава, а уште повеќе што имаме успешна приказна веќе 15 години, со големи резултати, луѓе и раст. Тековниот фокус на Cosmic Development е зајакнување на бизнисите што ги имаме, нивно проширување и развивање. Сакаме да бидеме 100 отсто сигурни дека стоиме на цврсто тло, како и досега. Исто така, инвестирање во повеќе вработувања. Тоа е секогаш приоритет. Планираме да продолжиме да растеме, подобро полека, но сигурно и да продолжиме да инвестираме во нашите луѓе на секаков начин.

Сподели