Искрен и со многу љубов и почит кон публиката, беше настапот на британскиот состав „Кошин“, синоќа во Младинскиот културен центар во Скопје, во рамките на „Таксират“. Фронтменката на бристолскиот бенд, Шиан Еванс – енергична, полна со љубов и благодарност кон секој еден присутен во публиката, нè врати во убавите музички години на 1990-тите и 2000-те години, кога трип хоп и електро составот „Кошин“ беше редовно на нашето музичко мени.

Концерт што ќе го памети публиката, ама ќе го паметат и членовите на бендот. Are You Hungry, Catch Me, Recovery, In My Head, I am Addicted… и многу други звучеа одлично. Еванс сè уште уверено ја владее сцената. Уживавме сите, си заминавме со убава емоција и со желба за уште многу убави концерти во нашиот град.

Гостувањето на „Кошин“ го организира Password Production.
Фотографии: Соња Ставрова Кирковски







