Би се вратил назад во времето за да уживам пак во создавањето на трите книгички. Како мало дете кога не сака да му заврши сладоледот, е така се осеќав кога ги создавав. Најтешкото е да се каже – доста е, до тука! Затоа што, чепкањето по вакви антрополошки фиоки полни со традиција, идентитет, културно наследство, тоа е бунар без дно – вели Стефчо Стефанов, дипломиран психолог, поет и „негувател“ на гевгелискиот дијалект
Стефчо Стефанов е дипломиран професор по психологија, кој им предава на средношколците во гевгелиската гимназија. Поезијата му е љубов одамна, театарскиот аматеризам, исто така. Но, во последните 10 години, меѓу другото, посвети многу време и внимание на трилогија посветена на гевгелискиот дијалект. Пофалби доби и од лингвисти, компетентни професионалци, а публиката со задоволство се смешка под мустаќ или и гласно од срце на сите зборчиња, изрази, толкувања на гевгелискиот дијалект. Последно издание на Стефанов е „Гевгелисувајне“, што го издаде Градската библиотека „Гоце Делчев“ од Гевгелија. Може да се најде во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје, како и во The Book Shop во Гевгелија и неколку трафики низ градот.

Ајде да откриеме малку повеќе, што содржи ова издание?
– „Гевгелисува́јне“ е ду горе п’лнa су сака́јне, работе́јне, шета́јне, к’ве пија́јне, аздисува́јне, живеја́јне и бидува́јне, ама уф Гивгилија!“ (Не можев да одолеам, а да не брцнам во дијалектот на кој е напишана книгата, макар за вовед во одговорот на ова прашање.)
Значи, накратко за првите две. Првата моја книга на дијалект е „Гевгелексикон“ (2014) – книга со над илјада зборови од гевгелискиот дијалект и толкување за секој од нив на еден духовит начин, но суштински за она што дијалектот е. Таа книга еве и десет години по нејзиното објавување нескромно можам да речам дека е најбараната книга од роднокрајното издаваштво на градот Гевгелија, а за тоа зборува и планираниот нејзин шести тираж наскоро оваа есен. Понесен од таквата реакција на читателите, но и од еланот што не ми недостига кога треба да се биде креативно-храбар, дојде и идејата за втората книга на дијалект „Ај шо лафиш“ (2020). Тоа е книга со гевгелиски фрази и изреки и таа само ја надополни претходната успешна приказна. Мислев доста ќе е. Но ете, веднаш дојде и идејата таквата приказна да се заокружи во трилогија и се роди „Гевгелисувајне“ – Водич низ една топлодушна Гевгелија (2024) во издание на библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија.
Оваа книга содржи околу стотини кратки раскази, поточно упатства за како да се види, вкуси или доживее топлата душа на Гевгелија. Станува збор за една афирмативна книгичка од околу 170 страници кои ги разгоруваат пријатните емоции на секој што го има почувствувано градот Гевгелија како гостин или како домаќин гевгеличанец, но ги будат и сентиментите на оние што отпатувале подалеку од градот мерено преку километрите или годините. Во неа нема да најдете критика за Гевгелија. Во неа сѐ е убаво. Сѐ убаво, а не е фикција. Тоа може и да се тестира така што може да се набљудува лицето на оној што првпат ја отвора книгата. За минута или две ќе се насмее.

Како течеше процесот на создавање?
– Како и претходните две, така и последната „Гевгелисувајне“ не е книга која се пишува според акционен план или според некаков инспиративен наплив. А си патам и од такви процеси. Токму затоа на сред создавање на „Гевгелисувајне“ во рок од 4 месеци напишав и објавив една мошне необична збирка хаику поезија лани – „Љубовно аздисано хаику“ во издание на „Антолог“. Но „Гевгелисувајне“, тоа е книга што се создава собирачки. Расказите внатре не се однесуваат на очигледните белези на Гевгелија. Во неа не е опишано слаткото од смокви, туку опишано е чешањето по рацете кое доаѓа откако ќе се скинат неколку смокви од дрвото. Токму затоа, такви секојдневни гевгелизми понекогаш доаѓаа како мотив за пишување по три-четири на ден, а понекогаш по еден во две недели. Така што, беа потребни околу две години.
Ѝ припаѓаме на култура која има богато усно творештво, но која за жал, нема култура на меморирање и чување на работите. Тргнавте ли можеби од една таква потреба да ги создадете овие три изданија?
-Искрено, не. Не бев претенциозен со возвишени аспирации. Едноставно верував дека ова ќе упали, дека ќе биде добра финта, а бев свесен дека и многу малку се отстапува простор на дијалектното творештво. Имаше порано по некоја комична содржина на телевизија и тоа претежно од два-три дијалекти во Македонија. Од Гевгелија некако скромно. Речиси ништо. И така и бидна. Мислам дека и токму поради тој искрен пристап успеав во намерата. Мислам дека доколку бев си поставил високи цели како на пр. да се потпре идентитетот на македонскиот јазик во овие по него заканувачки времиња преку зацврстување на неговите корени – а тоа се дијалектните корени, немаше да успеам. Ќе ме фатеше страв. Но гледајќи што сум направил сега, богами не е мал тој мој навидум наивен придонес, дури и во таа борба. И немаше да се фалам за ова толку, ама ме испофалија и многу поучени од мене, луѓе од фелата. Па ете, ај булаќи нема да се вообразам.

Ви помагаат ли блиски? Ве препознаваат ли вашите сограѓани и да ви сугерираат зборови, изрази… за Вашите изданија? (Со оглед на тоа дека сте и професор, дали можеби и учениците помагаат на некаков начин?)
– Да, помошта ја имам од сите гевгеличани со тоа што тие постојат околу мене и го даваат суровиот материјал. А знаат и свесно да понудат нешто дури и кога чекам ред на каса во продавница – „Еј го имаш ли во книгата зборот „к’тере?“. А имам и блиски од непроценлива вредност. Сопругата, ќерките, пријателите… Живеам во круг од пријатели кои се кој од кој подобри уметници секој во својата област, тие ми се вистински катализатор. Во еден разговор со еден од нив, познат ликовен уметник, при размена на мислења во процесот на создавање на оваа книга иронично ме окуражи во негов стил – „Еј па ти ќе ги издадиш тајните как да са биде гевгеличанац бе Стево. Та мољум ним сè. Ним ги оддаави сите нишајне еј!“
Создавањето на која од трите книги Ви беше најтешко?
– Тешко? Никако. Ах би се вратил назад во времето за да уживам пак во нивното создавање. Мераци. Ете како за споредба – како мало дете кога не сака да му заврши сладоледот, е така се осеќав. Најтешкото е да се каже – доста е, до тука! Затоа што, чепкањето по вакви антрополошки фиоки полни со традиција, идентитет, културно наследство, тоа е бунар без дно.
Кои Ви се топ 3 гевгелизми од „Гевгилисувајне“?
– Хаха! „Т’квочко за чинувајне“ е најголемата апстракција која е разбирливо секојдневие и за гевгеличаните на петгодишна возраст. Да, меѓу топ три ми е. „Ду фри-шопут и па наз’ди“ е гевгелиски феномен, а и „Испотувајне после туширајне“ ептен погодува во оваа актуелна септемвриска Гевгелија. Уф, како да се задржам само на три? Тешко е.

Посакувате ли да инспирирате некого да ја направи оваа Ваша идеја на некој од другите дијалекти во земјава?
– Во разговор со еден пријател од Струмица кој не го штедеше воодушевувањето од овие џебни изданија се пошегував: „Па види друже, ако нема кој дека вас уф Струмица, ја јас са нудум ќе ви ги напрам истите и на струмички. Ама видејте прво со градоначалникут колко ќе ма платте!“ Дали ќе се инспирира некој или не, навистина не ми е толку важно. Не се сметам за некаков инфлуенсер. Но да, знам дека овие книгички не се шега. Ќе остават трага која ќе потрае. Па живи здрави, којзнае!
Пишувате и поезија. Дали творите нешто периодов?
– Да, претходно ја спомнав збирката со едни сосема необични хаикуа. Во неа има сто хаику песни кои пеат за глорификација и обожавање на жената. Објавена беше лани. Издавачот дури ја конкурира и за наградата „Браќа Миладиновци“ . Тоа за мене е доволно награда. Последната „Гевгелисувајне“ е моја шеста објавена книга. Се воздржувам да не творам ништо периодов за да си ја поуживам славата, хаха. Но, не ми оди. Пишувањето, да. Ми оди. А и помагам таму каде што ми е убаво. Моментално уредувам збирка поезија на еден гевгелиски урбан поетолик пријател, што ќе биде издадена многу скоро. А да, и постојано се обидувам да сТВОРАМ впечаток кај моите ученици дека пишувањето и стихувањето се кул, иако предавам психологија.





