Едукативниот центар М6 и платформата „Глеј“ склучија стратешко партнерство

Едукативниот центар М6 и првата национална стриминг платформа „Глеј“ склучија договор за стратешко партнерство за дигитална продукција и корпоративна едукација. Со тоа „Глеј“ официјално стана дел од семејството на М6 Едукативен центар, приклучувајќи се на заедница од над 30 водечки компании кои активно придонесуваат за развојот на корпоративната едукација, иновативноста и професионалниот раст во деловното опкружување во земјава.

-Ова е значителен чекор напред во промоцијата на едукацијата на пошироката јавност. Ќе создадеме единствено онлајн-место каде што најдобрите практики и иновативните решенија ќе ги споделиме со оние кои сакаат да одат чекор напред во работата и во животот – вели Елена Младеновска-Јеленковиќ, извршна директорка на М6.

Според Дарко Перушески, извршен директор и коосновач на „Свод – мастер А.Д.“ со оваа соработка ќе биде обликуван идниот едукативен дигитален пејзаж во Македонија, обезбедувајќи висококвалитетна, домашно продуцирана содржина.

Поткастот „Чекор напред“ на М6 ќе добие ексклузивен простор на платформата „Глеј“, каде ќе бидат поставени постоечките и новите содржини кои ќе бидат продуцирани. Ова е прв од низата чекори кои ќе следуваат, а ќе вклучуваат тематски серијали, интерактивни поткасти, вебинари, истражувачки проекти и менторски сесии. Со оваа соработка се проширува екосистемот на М6 кој покрај компании вклучува и институции и универзитети кои имаат иста цел – одржлив развој на поединците, компаниите и државата.

Сподели