Награда за најдобра анимација за „Јон Вардар против Галаксијата“ на фестивал во Италија

 

Анимираниот филм „Јон Вардар против Галаксијата“ во режија на Гоце Цветановски ја освои наградата за најдобра анимација на Ariano International Film Festival, што се одржа во италијанскиот град Аријано Ирпино. Гости на фестивалот беа италијанскиот режисер Матео Гароне, познат по филмовите „Гомора“ и „Пинокио“, Ралф Мачио – ѕвездата на „Карате кид“ и „Кобра каи“, а почесен гостин на фестивалот беше Карло Вердоне, еден од највлијателните италијански актери и режисери, чие уметничко творештво е поврзано со легендарниот Серџо Леоне, кој бил негов ментор на почетокот на кариерата.

Во образложението на жирито за „Јон Вардар против Галаксијата“ се наведува:
„Филмот успеа да нè маѓепса со својата нескротлива креативност, зачудувачки стил и способност да ги истражува чудата и тајните на вселената. Ова филмско дело нè катапултира во врелата вселена на животот, каде што футуристички астронаути танцуваат низ непознати галаксии, а вселената е населена со вонземјани од секакви облици и големини.“

Ова е второ меѓународно признание за филмот, по наградата за најдобра анимација која претходно ја освои на фестивалот Портовјехо во Еквадор, а досега беше селектиран на повеќе реномирани меѓународни фестивали. Филмот е во сценарио и режија на Гоце Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, продуцент е Алан Кастиљо, а главните улоги ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски.

Сподели