Во Даут-пашиниот амам во Старата скопска чаршија во тек второто издание на музејската едукативна работилница „Лавиринт на уметноста 2“, наменета е за ученици од петтите и шестите одделенија од основните училишта. Работилницата почна на почетокот на април и има едукативен, истражувачки и награден концепт. Едукатор на проектот е Ацо Таневски.
– Пред сите учесници е поставена загатка, а одговорот се крие низ уметничкиот лавиринт на постојаната поставка на Националната галерија. Учениците, низ обиколка на нашата најзначајна збирка на уметнички дела, бараат одговори на поставените прашања. Целта е да на оригинален и интерактивен начин се запознаат со модерната македонска култура и ликовна уметност – велат од Националната галерија.
Учесници во работилницата се ученици од скопските основни училишта „Кирил и Методиј“, „Кирил Пејчиновиќ“, „Гоце Делчев“, „Вера Циривири Трена“, „Коле Неделковски“ и многу други.
Играта ќе трае до 18 мај – Светскиот ден на музеите, кога по пат на извлекување ќе им бидат доделени стотина пригодни награди на учесниците кои ја решиле загатката и го пополниле прашалникот. Наградната игра и официјалното извлекување на добитници ќе се случи во Даут пашиниот амам во 12 часот.





