Фестивалот Охридско лето претставен во Шпанија

Фестивалот Охридско лето веше презентиран на Самитот на уметнички фестивали во Гирона, Шпанија во чии рамки се одржа и 70. Генерално собрание на Европската фестивалска асоцијација (ЕФА). Фестивалот го претстави директорката Наташа Поповиќ која рече дека членството во оваа елитна асоцијација е доказ дека Охридско лето е на вистинскиот пат во неговата меѓународна афирмација. Потврда за тоа е високата оцена од Асоцијацијата со која Охридско лето се искачи на 5. место меѓу 140 фестивали – членки на ЕФА.

– Културата, уметноста и традицијата го опишуваат кодот на секој народ и зборуваат за неговото постоење низ вековите, неговата посебност и специфичност. Токму Охридско лето е кодот на културата на Балканот, најголемиот промотор на соработка на новата визија на иницијативата „Отворен Балкан“ која отвора нова култура – рече Поповиќ.

Таа додаде дека повеќе од половина век Охридско лето претставува најголемата културна музичко-сценска манифестација препознатлива не само кај нас, туку и во светот.

ЕФА вклучува над сто фестивали од 40 земји. Охридско лето од 1994 година е значаен партнер на асоцијацијата. На минатотогодишното фестивалско издание високи претставници на Европската Асоцијација на Фестивали предводени од претседателот Јан Бриерс беа дел од свеченото отворање на фестивалот со четирите врвни италијански тенори Алесандро Косентино Де Акриса, Федерико Сера, Џовани Мариа Палмиа и Уго Тарквини.

Сподели