Кинотеката одбележува еден век од раѓањето на легендата Марлон Брандо

Со проекција на филмот „Да живее Запата!“ вечерва во 20 часот во Кинотеката во Скопје ќе почне одбележувањето на 100-годишнината од раѓањето на легендарниот холивудски глумец, Марлон Брандо. Три филма со Брандо ќе бидат прикажани во текот на неделава. Утревечер (18 јуни) ќе има проекција на „Квемада – островот во пламен“, а на 22 јуни ќе биде прикажан „Апалуса – Југозападно од Сонора“. Сите проекции почнуваат од 20 часот, а билет чини 150 денари.

– Американски ловец, британски платеник и мексикански револуционер – во каква и да е улога, актерската легенда Марлон Брандо доминира на екранот. Неговото специфично, артистичко умеење секогаш ја фасцинира филмската публика. Овие три наслови ги прикажуваме по повод 100-годишнината од раѓањето на великиот Брандо, и тоа на 35мм лента, оригинален формат, како во времето кога биле премиерно прикажувани – велат од Кинотеката.

„Да живее Запата!“ е снимен во 1959 година, во режија на Елија Казан. Сценариото е на Џон Штајнбек и Еџкамб Пинчон, а покрај Брандо играат Џин Питерс и Ентони Квин. За неговата работа со Брандо, Казан ќе напише: „Понекогаш најдобрата режија се состои од читање на лицето на актерот и, кога ќе ја видите вистинската работа таму, едноставно кимнете со главата. Неколку зборови, допир и насмевка ќе го направат тоа. Потоа чекајте чудо со Марлон, тоа често се случуваше.“

Оваа соработка помеѓу Марлон Брандо и Елија Казан, можеби не е толку позната како „Трамавајот наречен желба“ или „На доковите на Њујорк“, но е сè уште релевантна и стилски свежа со одлична кореографија на акционите сцени и монтажа под влијание на Ајзенштајн и руската монтажна школа.

„Да живее Запата!“ е приказна за прочуениот мексикански револуционер Емилијано Запата и неговиот пат од сточар до водач на востанието против корумпираната, угнетувачка диктатура на претседателот Порфирио Дијаз на почетокот на 20 век. Запата, неговиот брат Еуфемио (Ентони Квин) и бунтовникот Панчо Вила (Алан Рид) се здружуваат, поддржани од политичкиот противник на Дијаз, Франциско Мадеро (Харолд Гордон). Но, кога администрацијата на Мадеро, особено генералот Викторијано Хуерта (Френк Силвера), ќе се покаже исто толку корумпирана како и онаа што ја замени, Запата се одлучува да продолжи со борбата.

„Квеимада – островот во пламен“ е снимен во 1969 година, во режија на Џило Понтекорво, по сценарио на Франко Солинас и Џорџо Арлорио. Улогите ги толкуваат Марлон Брандо, Еваристо Маркез и Ренато Салватори. За време на златното доба на колонијализмот, британските власти испраќаат агент на еден тропски остров под португалска власт. Неговата задача е да ги поттикне робовите на бунт, за да може Британија да го преземе овој остров, познат по одгледувањето на шеќерна трска. Меѓутоа, кога Британците го заземаат островот и формално го укинуваат ропството, поранешните робови дознаваат дека наемната работа е исто така форма на ропство и одлучуваат повторно да се побунат.

– Овој филм на на едноставен и разбирлив начин го отвора прашањето за слободата, борбата за слобода, различните толкувања и пристапи кон проблемите на угнетувањето и колонијализмот, како и антиколонијалната борба, конфликтот меѓу колонизаторите и колонизираните – велат од Кинотека.

„Апалуса – Југозападно од Сонора“ е американски вестерн филм од 1966 година во режија на канадскиот режисер Сидни Фурие. Главните улоги ги толкуваат Марлон Брандо, Ањанет Комер и Џон Саксон.

Приказната се случува на Дивиот Запад во 1870-тите години. Брандо го игра Мет Флечер, мексиканско-американски ловец на бизони, вечен осаменик кој се враќа на пропаднатата фарма на границата со Мексико што ја водат децата на луѓето кои го одгледале. Тој носи пастув од проучуената раса шарени коњи Апалуса и доволно пари за да основа ранч со коњи. Но, постојано е малтретиран и понижуван од генералот разбојник Медина. Кога разбојникот ќе му го украде коњот и ќе побегне во Мексико, Мет тргнува во одмазничка мисија.

Сподели