За дипломиран инженер по хемија вратите се секогаш отворени

Еден дипломиран хемичар има широк спектар на работни позиции кои му се нудат, без разлика за која од трите насоки ќе се определи, наставна, применета хемија или применета хемија- аналитичка биохемија, вели младата студентка Благица Јанева

Хемијата е „виновна“ за речиси секоја промена околу вас. И секојдневното варење на утринско кафе претставува хемиска реакција. Еден дипломиран хемичар има широк спектар на работни позиции кои му се нудат, вели Благица Јанева, студентка на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Заедно со колеги во овој семестар тие основаа невадина организација, активно се вклучени во хемиските спектакли што традиционално ги организира Институтот за пошироката јавност. Благица раскажува како хемијата станала нејзин избор за студирање.

– Со хемијата најпрво се запознав во основно училиште, како еден од оние предмети со кои се запознаваме подоцна во текот на образованието и нели, се „плашиме“ кога ќе дојдат на ред. Во тие моменти ми беше доста предизвикувачки и интересно за совладување. И самата не бев сигурна дали целосно ја разбирам. Но, токму тоа е она што ме привлече, желбата да научам повеќе и да разберам за сите промени кои се последици на различни хемиски реакции што се случуваат околу нас. Неспорно е дека хемијата е дел од нашето секојдневие и е одговор речиси на сите појави со кои се среќаваме – вели Благица.

Вистински почнала да се интересира за хемијата во скопската гимназија „Орце Николов“. Уживала во решавањето на задачите и проблемите од областа на науката, особено во трета година кога се изучува органската хемија.

– Најблагодарна сум ù на мојата професорка Елизабета Софрониевска, која неуморно работеше со нас, ја поттикнуваше нашата љубопитност и ни овозможи две години по ред да го посетиме Саемот на наука во Белград, што за мене беше прекрасно искуство – се сеќава младата студентка.

Благица Јанева на Институтот за хемија

Лесна била одлуката да се запише на студиите по хемија. Имала интерес и за биологијата, па логично било да ги спои двете области е да се запише на насоката применета хемија модул аналитичка биохемија на Институтот за хемија при ПМФ.

– Имав и пријатели кои веќе студираа на Институтот за хемија пред мене, па по добар глас и препорака, само ми ја олеснија одлуката. Мислам дека не постоеше друг избор, со што сега веќе како студент во трета година, тоа и се потврди – објаснува Благица.

Практична работа во лабораторија

Студиите ги почнала во време на пандемија. Во првиот семестар наставата ја реализирале онлајн, но сепак функционирале и успеале да влезат во „шема“. Групата од педесеттина студенти без потешкотии развила одличен однос меѓусебе и со професорите и асистентите.

– Она што можеби е најважно е достапноста и комуникативноста која ни се пружи од нивна страна, посветувајќи се и на делот со задачите и на теорискиот дел од материјалот. Сепак, нам најинтересни ни се вежбите и практичната работа во лабораторија, на која, за наша среќа, се става голем акцент во текот на студирањето. Испитите, како испити – некому потешки, некому полесни, лично според мене секогаш тоа зависи од она што повеќе ти лежи и те интересира. Она што првично ми остави впечаток беше програмата, со која дури и некој кој навистина нема основа од хемија, со малку повеќе труд би можел да се вклопи и да ù даде шанса на науката – објаснува Благица.

Средношколската љубов кон органската хемија ù останала и за време на студиите. На Благица најмногу ù се допаѓа комплексноста и самата креативност која ја нуди, овозможувајќи синтетизирање на различни структури и соединенија со специфични функции кои наоѓаат примена во иновација на многу материјали.

– Органската хемија дава увид во механизмите на реакцијата, објаснувајќи како и зошто се случуваат некои реакции на молекуларно ниво. Дефинитивно во иднина би сакала повеќе да осознавам и да го проширувам своето знаење, како за органска хемија, така и за биохемијата, која ги проучува хемиските реакции и процеси кои се случуваат во живите организми – вели таа.

Според Благица, не може да се издвои една примена на хемијата како наука. Таа е „виновна“ за речиси секоја промена која ќе ја забележите, како на пример, варење на утринско кафе кое претставува хемиска реакција.

– Еден дипломиран хемичар има широк спектар на работни позиции кои му се нудат. Без разлика за која од трите насоки ќе се определи, наставна, применета хемија или применета хемија- аналитичка биохемија, за секој еден има простор да си се пронајде онаму каде што тој смета дека припаѓа. За дипломиран и успешен инженер по хемија вратите се секогаш отворени во сите научно-истражувачки и биохемиски лаборатории, клиники, текстилната, прехрамбената, фармацевската индустрија, индустријата за био-горива, како и училиштата и работата во просвета. Изборот е голем и не треба да има сомнеж дали студиите по хемија отвораат врати за успешна кариера – децидна е таа.

Информации од „прва“ рака

Благица е претседателка на „Здружение на млади хемичари“, невладина организација која ја основале со нејзиноте колеги овој семестар. Во целиот процес на формирање имале голема поддршка и помош од асистентите и од раководителката на Институт за хемија, проф. д-р Наташа Ристовска. Главната цел на „друштвото“ е популаризирање на хемијата како наука, поголема едукација на јавноста на теми поврзани со хемијата, стимулирање на професионален развој кај колегите.

– Едноставно сакаме целиот процес на студирање да им биде на сите поисполнет и интересен, полесно да се запознаваат со изборот кој им се нуди за студентска пракса и вработување. Неодамна заедно со членови на здружението учествувавме на „Отворен ден на УКИМ“, каде пред овогодинешните матуранти се претставивме со свој штанд и им го доловивме студирањето на ИХ од „прва“ рака. Во иднина нè чекаат многу повеќе работа и активности, но и очекуваме голема заинтересираност од страна на колегите, особено од прва и од втора година. Целта е да опстои дејноста на „Здружението на млади хемичари“ и да напредува со идните генерации. Исто така почнуваме да сме доста активни и на социјалните мрежи па сите љубители на хемијата можат да не заследат на нашиот инстаграм профил @hemija_zmh и facebook страница Здружение на млади хемичари – објаснува младата студентка.

Една од активностите во кои се вклучени е хемискиот спектакл, кој е сè поатрактивен и популарен кај учениците. Амфитеатарот на Институт за хемија се пополнува до последно место. Секого кој веќе присуствувал на барем еден спектакл, јасно му е зошто е тоа така. Експериментите ги изведуваат „среќните“ и „не толку среќни“ хемичари и тие се спектакуларни, возбудливи и исполнети со звучни и визуелни ефекти, што ги прави интересни за публиката.

Од хемиските спектакли

– Оние „не толку среќни хемичари“, сме ниe, кои сè уште студираме. Секако не во буквална смисла на зборот, бидејќи огромно задоволство ни претставува нам, сè уште во улога на студенти, да учествуваме на настани од овој карактер и да изведуваме експерименти заедно со нашите професори и асистенти. Честа е голема, а чувството возбудливо. На почеток секогаш имаме трема. Но, кога на крајот ќе ги видиме сите задоволни и насмеани лица на публиката, единствено што ни преостанува е наредниот пат да бидеме уште покреативни! – вели Благица.

Таа во моментот не знае во кој правец ќе продолжи нејзината кариера, дали ќе се вработи или ќе се насочи кон научна работа. Во моментот не исклучува ниедна опција – и двете имаат свои позитивни и возбудливи вредности.

– Доколку се запишам на втор циклус студии тоа ќе биде на Институтот за хемија, но доколку се решам за вработување, имам голема желба да работам во некоја биохемиска лабораторија или индустријата за козметика. Во секој случај, сметам дека е важно да се напредува, осознава и работи на себе – вели Благица.

За идните студенти кои веќе размислуваат каде да го продолжат своето образование, доколку се љубопитни, сакаат да дознаваат нови работи, да експериментираат и да ја имплементираат својата креативност во професионалниот развој, не треба да се двоумат околу студиите по хемија, на било која од трите насоки.

– Она што мене најмногу ми се допаѓа на нашиот Институт е и односот кој во текот на овие години го имаме створено, за целото време што го поминуваме во лабораторија. Дефинтивно со добро друштво, работата е полесна и хемијата поинтересна! – завршува Благица.

Сподели