Две-три години се соочуваме со вистински шокови, особено од „дупките“ во геометријата

Проф. д-р Анета Гацовска-Барандовска го предводи тимот што ќе ја претставува Македонија на Европска женска математичка олимпијада ЕГМО 22

Четири средношколки-математичарки, деновиве ги решаваат последните задачи пред почетокот на годинашната Европска женска математичка олимпијада која од 6 до 12 април ќе се одржи во Егер, Унгарија, на 140 километри од Будимпешта. Лани натпреварот го завршија со златен, сребрен и бронзен медал. Предводени од двете менторки од Сојузот на математичари на Македонија (СММ), д-р Анета Гацовска-Барандовска, вонреден професор на Институт за математика, при Природно-математичкиот факултет од Скопје и Ерблина Зеќири, димпломиран математичар, виш лаборант тие ќе се обидат да го повторат успехот. Последниве десетина дена ќе имаат интензивни подготовки со избран тим на предавачи.

Д-р Анета Гацовска-Барандовска

– Претходните две години, сите меѓународни олимпијади беа во виртуелен формат. Оваа година, олимпијадата е во хибриден формат, 31 европска земја и 7 гостински тимови, кои се надвор од официјална конкуренција, ќе учествуваат во живо, 6 европски земји и 12 неевропски или неофицијални тимови ќе учествуваат онлајн. Само учесниците во живо се дел од официјалната конкурнеција на олимпијадата – вели Гацовска-Барандовска во интервјуто за Умно.мк.
Со неа раговараме за подготовките за Олимпијдата, но и за состојбите со математиката во земјава.

Како течат подготовките за претстојната Европска женска математичка олимпијада, ЕГМО 22?

– На почетокот на годинава, кон средината на јануари, како составен дел од Третиот меморијален натпревар „Александар Блажевски-Цане“, беше спроведена и селекција на македонскиот тим за ЕГМО 22. Нашиот тим го сочинуваат: Емилија Николовска и Ивона Зикова од Математичко-информатичката гимназија и Марија Атанасова и Јасна Илиева од приватното средно училиште „Јахја Кемал“. Заменик лидер на тимот е Ерблина Зеќири, а јас како лидер, двете од ПМФ – Скопје. Сега сме на точно девет дена пред почетокот на олимпијадата. На моја радост, тимот е истиот од минатата година, девојките добија одново заслужена шанса овој пат да ја почувствуваат олимпијадата во живо, со сите убавини: многу математика и активности, дружења, нови пријателства.

Јасна Илиева, Емилија Николовска, Ивона Зикова и Марија Атанасова (од лево кон десно)

За жал, и оваа година нè следат многу неизвесности до крај, па покрај пандемијата и конфликтот во Украина силно влијае на организацијата на настанот во живо. Ние сме спремни, течат последните подготовки на тимот. Последниве десетина дена ќе имаат интензивни подготовки со избран тим на предавачи, за да можат да го разбудат потребното математичко знаење во себе. Оваа година се вратија на училиште, па им останува малку време, а натпревари имаат од почетокот на второтo полугодие, некои од нив речиси секој викенд. Обврски имаат многу, но подготвени се за новиот предизвик.

Сите четири ученички веќе постигнаа одлични резултати на минатогодишната Женска олимпијада. Како девојките го надградуваат своето знаење?

– На голема среќа на сите натпреварувачи по математика, од минатата година, започна да работи Олимписката школа „Александар Блажевски-Цане“. Тимот задолжен за меѓународни олимпијади, во тек на 12 седмици, во периодот февруари – мај, успешно ја спроведе школата. Предавања секој викенд, по четири часа во сабота и во недела, со нови теми, подлабоки знаења, многу задачи, многу тестови. На школата беа поканети 50-тина најдобри натпреварувачи од сите групи, голем дел од нив успеаја да истрајат до крај, дел од нив се откажаа. Нашите девојки ја искористија шансата и го надградуваат своето знаење на секој чекор. Следуваа посебни подготовки за поединечните меѓународни олимпијади, така да математика се работеше речиси до крај на јули. Оваа година, посебни ЕГМО подготовки имаат во моментов и ќе траат до 1 април. Не е воопшто за потценување фактот дека сите четири и самостојно многу работат, сами и со своите ментори. Посветени се целосно, желни за нови знаења. Јасна е сега матурантка и веќе планира што понатаму во животот, но Емилија, Марија и Ивона се само втора година, нашите надежи ги полгаме во нив за барем уште две олимписки години. Сите девојки се дел и тимовите на другите олимпијади, значи математиката е навистина голем дел од нивниот живот.

За (не)среќа, поради ковид-19 сите меѓународни натпревари се префрлија онлајн, па поштетедни бевте од товарот да обезбедувате авионски билети за да стигнете до местото каде се одржува натпреварот. Како се снаоѓа СММ во сиве овие процеси, кога скоро сите научни здруженија се жалат на слабата поддршка од државата?

– Да се пофалиме како Сојуз на математичари, наплатената котизација за натпревари не се троши како што шпекулира голем дел од јавноста по социјалните медиуми. Котизацијата за натпреварите по математика е наменета и исклучиво се користи за учениците, како помош при организација на целиот циклус натпревари, на локалните организатори, но и за покривање на патувањата на тимовите надвор од земјата. СММ самостојно ги обезбеди билетите за ова патување, а се надеваме ќе може да се покријат и голем дел од другите трошоци за патувања годинава и за останатите меѓународни олимпијади. Вообичаено и родителите самостојно помагаат, бараат спонзорства од фирми и локалната самоуправа. Некогаш успешно, некогаш неуспешно.

Не е тајна, поддршка од држава во однос на патувањата, посебно за средно образование немаме. Имаше некои измени во Законот за основно образование, има мал напредок во таа смисла, но се разбира далеку од целосно покривање на трошоците, додека за средното образование тоа е уште на stand-by. Математичарите, за разлика од другите здруженија, тука имаат среќа. Меѓународните олимпијади се без наплата на котизација, земјите организатори се главен спонзор на настаните преку нивните институции. Останатите здруженија имаат поголеми трошоци. До сега, до пред пандемијата, имавме поддршка од ФИТР, нивниот сектор за развој на образование. Сега и таму се променети приоритетите. Поддршка, но по завршување на натпреварот има од Агенцијата за спорт и млади, во облик на награда за освоени медали на меѓународните олимпијади. АСМ доделува и средства за учество во национален тим, но по договор, за секоја наука – односно здружение, само за еден тим. А ние имаме учество на најмалку 4 меѓународни олимпијади како СММ.

Но апелирам на потребата од поддршка и помош, зошто и ние како земја кога-тогаш доаѓаме на ред да бидеме организатори на една таква меѓународна олимпијада. Е тогаш без државна поддршка, тешко дека ќе можеме да се покажеме како домаќини какви што сакаме да се претставуваме во светот. Многу сум горда, што од оваа година, СММ е лиценциран организатор за селекција на македонскиот тим и за Меѓународната економска олимпијада (IEO). Тоа е нова активност на Сојузот која ќе овозможи учениците од средното образование кои се подготвени во делот на финансиска писменост, економија и бизнис студии, да станат за прв пат дел од меѓународната заедница и да учествуваат на петтата по ред олимпијада, чиј домаќин е Кина. Заради состојбата во Украина, најверојатно и оваа година, како и претходните две, олипијадата ќе се одржи онлајн. Ја користам оваа прилика да ги најавам двете етапи на селекцијата на која се добредојдени сите средношколци кои ја сакаат економијата, заедно да се обидеме да поставиме успешен старт на уште една успешна приказна на СММ. Од економските средни училишта, но и од гимназиите. И во овие натпревари има многу математика, логика и критичко мислење неопходно за решавање на задачите. Организаторот директно го контактираше СММ, сметајќи дека е здружение со големо искуство во организација на натпревари. Наша задача беше да се подготвиме, екипираме, да обезбедиме партнери од економската заедница, да аплицираме. Потврден одговор добивме на крајот на февруари, па веднаш по претспојните активности околу редовните натпревари ќе започнеме и со новата активност.

На Институтот за математика најдобро ги согледувате знаењата на студентите од нивното претходно образование – основното и средното. Со сите програмски промени и измени во изминатите години, со кои проблеми најмногу се соочуваат бруцошите кога доаѓаат на факултет? Колкави „дупки“ во обазованието имаат, а не постоеле во минатото?

– Како да се одговори ова прашање, а никој да не се најде погоден. Тешко ни е, верувајте. Моите студенти од последата година на студии по математика постојано велат: ова нам никој до сега вака не ни го претставил и поврзал. Да, точно тоа треба да е наша задача на факултетот, да дадеме подлабока математичка основа, да ги научиме сами да ги согледаат фактите, да го поврзат севкупното претходно знаење за на своите идни ученици да знаат да им ја приближат математиката.

Последниве две-три години се соочуваме со вистински шокови. Ни сами не сме биле свесни колкав дел од материјалот кој ние очекуваме студентите да го знаат кога ќе се запишат воопшто не се работи во училиште или пак едноставно испарува од нивните глави, како никогаш да не било споменато. Исклучиво е голем недостатокот во знаењето од областа на геометријата. Во прва година станува навистина тешко да си наш студент. Додека станат свесни за поинаквиот начин на размислување, за пропустите во претходното образование, заминал семестарот, а кај некои и целата година. Секоја чест на посериозните кои сфаќаат дека она што наставниците го кажуваат е вистина, но голем дел од студентите се затекнати.

Програмите по Кембриџ не направија само дупки во знаењата
Морам да бидам искрена, програмите по Кембриџ направија не само дупки во знаењата, туку и голем дел од поединечни теми од математиката целосно ги запоставуваат. И најстрашно, дисбалансот меѓу различните нивоа на образование стана огромен. Ако треба да се лоцира вината, вината е заедничка.

И друг пат сум зборувала, наставните програми, брзите и чести реформи, најчесто необмислени доволно, немотивираните наставници од повеќе причини, зголемениот обем на административна работа кај сите, од основно до високо образование, чувството на немањето поддршка од системот, фактот дека математиката е тешка и не е исто да учите математика и да сте успешен, а од друга страна многу треба за талентот да се развие, споредено со талентите во спортските тимови… Многу зборувавме за последните реформи, не толку во делот на математиката како во делот на природните науки. Овој пат, новите учебници за прво и четврто одделение по математика се изготвени од наши колеги математичари, кои долги години се составен дел од Педагошките факултети. За ефектите ќе мора да почекаме и да видиме. Се надевам нешто ќе тргне на подобро. Но, тешко на наставниците на Институтот за математика додека не ги стават во колосек новите студенти. Дополнително и пандемијата веќе на големо го зема својот данок по знаењето од сите области. Наставата онлајн донесе уште поголеми проблеми и пропусти.

На 11 февруари беше одбележан Светскиот ден на жените во науката. Каква е ситуацијата на ова поле во Македонија, во однос на раководни позиции, еднаквост во плати, научни достигнувања?

– За волја на вистината, науката во нашата држава предничи во однос на бројот на жени истражувачи, од сите области. Нема да зборувам за состојбите, како и за сè друго, нема споредба со земјите од Европа. Ќе ги повторуваме истите заклучоци, па на крај ќе звучи како само да се жалиме и ништо не работиме. А работиме. На Природно-математичкиот факултет, во овој момент, сите раководители на Институти се жени. Имаме и продеканка за настава. Значи предничиме во освојување на довербата во однос на поставување на ред на работите, водење напред, имање визија. Не станува збор за еднкавост во платите, барем ние на државниот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, сме исти во смисла на мажи-жени, рамноправни сме и колегите нè поддржуваат. Има некогаш и драстична разлика меѓу факултетите на Универзитетот, ама и таа состојба бара системско решение. Наставници по математика и физика во моментов нема за лек, ама со само 10 отсто повеќе завршени и тоа ќе се реши. Не треба да имаме многу голем број на студенти за да живееме пристоен живот.

Од ПМФ излегува целиот наставен кадар за математика и природни науки
Треба да се цени дека од ПМФ излегува целиот наставен кадар за математика и природните науки за основното и средното образование, да се цени важноста на професијата, квалитетот на наставата и во истражувачкиот дел – големиот број научни трудови објавени од нашите области и покрај проблемите: платите, проектите, ограничувањата во однос на намената на средствата ако ги имате и слично.

Скоро имаше статистика дека 30-тина проценти од севкупната истражувачка работа отпаѓа на нашиот факултет, а ние во однос на бројот сме повеќе жени. Жените се силни, и покрај сите дополнителн обврски, имаат енергија да истраат и во семејството, работното место како наставници, научната надоградба и истражувањата. Имаме врвни достигнувања и горди сме со сè. Можеби затоа што сме жени и туркаме со глава низ ѕид со години, ама ретко се откажуваме од науменото, нели умни сме.

Ерблина Зеќири и Анета Гацовска-Барандовска

Ќе ја искористам оваа прилика само уште да ја најавам и Третата конференција за образованието по математика, физика и сродени науки, во заедничка организација на СММ и ДФРМ, со поддршка од Институтите за математика и физика и ПМФ како целина, која ќе се одржи од 6 до 8 мај, кај нас на факултетот. Ќе имаме повторно можност да ги споредиме искуствата со околните земји, овој пат голем дел дискусии ќе се однесуваат и на ефектите на пандемијата врз образованието и начините да испливаме надвор од провалијава во која со години тонеме на образовен план. Може да уечствуваат сите наставници од основно и средно образование, факултетите и образовните институции. Подготовките се во тек, се радуваме на нова успешна конференција. И за крај, верувајте, голем дел од сите овие активности не би биле возможни и реализирани ако зад нив не стои голем тим на успешни жени.

Сподели