Дуото Добрила и Дориан – дел од албум на норвешки музичар со македонско потекло

Дуото Добрила и Дориан се дел од соработка на плејада норвешки музичари, од што произлезе албумот Apollon Records – „Двете кралски ќерки“ (To kongsdøtre). Оваа соработка се реализираше во последните две години, а резултираше со двоен албум. За ова лимитирано издание издавачот „Аполон рекорд“ вели дека се работи за исклучително музичко парче кое раскажува за митската света Сунива и византиската принцеза Ана Комнина – авторката на едно од највредните историографски дела на Византија, „Алексијадите“.

Албумот кој се појави во ограничена едиција од 200 примероци може да се купи онлајн. Автор на албумот е Џулијан Мишиќ, норвешки музичар со македонско потекло – беше нарачано од годишниот Норвешки црковен фестивал, Bergen kirkeautunnale.

Сунива и Ана беа кралски ќерки, со две многу блиски судбини: и двете го завршуваат животот во прогонство. Во време обележано со војни и немири, ова дело нуди безвремен потсетник на историските врски, музичкото единство и заедничкото културно наследство преку граници.“ – Кјетил Алменинг, директор на фестивалот Bergen kirkeautunnale.

Во раните 2000-ти, Џулијан Мишиќ доби национално признание во Норвешка поради неговата автобиографска театарска продукција DOP. Оттогаш работи како музичар, композитор и поет. „Двете кралски ќерки“ претставува нова пресвртница во кариерата на Мишиќ. Долгогодишната соработка со македонските традиционални музичари Дориан Јовановиќ и Добрила Грашеска му овозможи да ги истражи своите корени. Делото беше снимено за време на премиерата во катедралата во Берген во 2023 година и сега се објавува како двоен винил албум.

Музиката создава мост меѓу Исток и Запад, минатото и сегашноста. Премиерата во катедралата во Берген беше свесен избор – поради историското значење на просторот поврзано со темите на проектот. Катедралата е изградена во 1150 година и посветена на Свети Олав кој загинал во битката кај Стиклестад. Дел од светата музика на Олав од Нидарос е вклучена во ова дело – кое го преставува најстарото нотирано музичко наследство од Норвешка.

Делото се врти околу две историски песни, изведени од актерката Рагнилд Гудбрандсен. Во 2020 година на Мишиќ му беше нарачана поема по повод 850-годишнината од преносот на моштите на Света Сунива од островот Селја во Бјоргвин.

Токму таа поема стана семето на ова големо дело. Во To kongsdøtre, Мишиќ создава поетска слика за две кралски ќерки кои оставиле трага во историјата: заштитничката на Западна Норвешка – Света Сунива, и византиската принцеза Ана Комнина. Двете биле силни жени во машки свет, а и на двете животот им бил поврзани со манастири. Додека Сунива се смета за митска фигура, Ана Комнина е призната како една од првите жени-историчари.  Околу 1148 година, Ана го напишала своето петнаесеттомно дело Алексијада – биографија за византискиот император Алексиј Комнин, нејзиниот татко. Иако тогашната историја ја доведувала во прашање веродостојноста поради авторството на жена, денес Алексијада е призната како едно од најважните историски дела од византискиот период.

Желбата да ги истражи македонските корени го довела Мисик во родниот град на неговиот татко – Скопје. Таму се запознал со македонската традиционална музика и историјата на своите предци. Наградуваниот фолк музичар Дориан Јовановиќ прв му раскажал за византиската принцеза Ана Комнина. Семето за To kongsdøtre било засадено пред десетина години во едно скопско кафуле. Двајцата пријатели разговарале за Византија, за Викинзите и христијанизацијата на Норвешка замислувајќи го на тој начин ова музичко дело што ќе ги спои двете историски фигури.

To kongsdøtre е смело, поетско дело кое ги предизвикува границите меѓу традиционалното и современото. Најстарата нотирана музика од Норвешка, византиски композиции и македонски елементи оживуваат во дијалог со модерниот
израз. Ова не е само албум – тоа е културен и историски мозаик, музички мост меѓу Исток и Запад, минатото и сегашноста.

Сподели