Во рамките на тркалезната маса за претставата „Парови“ во режија на Ивана Ангеловска, а продукција на Драмски театар од Скопје, модераторот на разговорот, Милош Б. Андоновски на оригинален начин и’ се обрати на екипата на претставата, во форма на писмо. Ви го споделуваме писмото.
Драга „Парови“,
Она што се случи меѓу нас траеше само една вечер. И беше доволно да направи да мислам на тебе цел ден. Немам спиено и го губам разумот. Нешто истовремено ме влече и ме одбива од тебе. На почетокот, ми делуваше како да си несигурна, како да не сакаш, како да не можеш да бидеш излезена со мене. Можеби тоа беше поради просторот на нашата средба, но како се запознававме, стануваше сè поразиграна и послободна и покрај тоа што и други те гледаа. Многу луѓе гледаа во тебе вчеравечер и, морам да признам, како да бев малку љубоморен што не бев сам. Но, како да не те гледа човек кога актерската екипа е толку силна, презицна и јасна? Сите беа различни, но сите стоеја зад својот актерски израз, сигурно и стабилно. Знаеш што? Сфатив дека токму тоа ми се допаѓа кај тебе: Со тебе човек е начисто.
Ме погоди со митологијата, обожавам митологија! Но, не успеав да сфатам како дојдовме до тој муабет, можеби испивме премногу вино. Но, се радувам што ова е праизведба на македонски текст од македонска авторка, со рамковна приказна која ги обединува сите други вешто и низ слоеви.
Знаеш, додека се враќав кон хотелот така опиен од поминатото време со тебе, сфатив дека имаш прекрасна смисла за хумор и дека на тоа паднав. Особено додека Павлаковиќ и Ангелов играа во диското, и додека Василева држеше мотивациски говор, како тоа да го правела цел живот; додека Доксевски и Вујисиќ ја играа својата прва средба… И Илиева Велиќ, о да! Очајот на нејзиниот лик во сцената со Василева, како бара нејзиниот партнер да не заврши со друга, личеше како да разговара со гатачка. Не знам дали забележа, но ти аплаудирав додека те гледав. Која будала сум и колку смешно од мене!? Кој аплаудира кога ќе се заљуби?
Драга „Парови“, на почетокот како да ми беше однекаде позната, како да те имам видено на друго место. Празна сцена, микрофони, реплики кон публика, кажување текст како да е поезија – ме потсети на други со коишто сум бил. Си помислив, зарем ова не може да го направи секоја друга? Но, можеби тоа се траги од нашите средби во претходните животи, кој знае!?
Без разлика дали сме се сретнале претходно или не, сакам да бидам искрен со тебе и да ти кажам дека не можеме да бидеме заедно. Извини, не сакам да те повредам, само сакам да сум искрен: не е до тебе, до мене е. Јас не верувам во театарска моногамија.
Никогаш нема да те заборавам, зашто можеби ти си седмата ѕвезда што нема да ја видам повеќе, но ќе знам дека секогаш ќе свети, на свој начин.
Само еднаш твој,
Милош
P.S. Не си кажасмо од куде смо. Ја сам кумановац, а ти, по зборење цел вечер, ми звучеше како да си скопјанка.





