Стоби може да биде Помпеја. Неопходни се законски измени и автономија

На античкиот град Стоби кај Градско се одржува 15. Интернационалната школа за археологија. Низ теренската работа учесниците изучуваат контекстуален пристап – откривање, идентификација и документирање на стратиграфски единици

За да еволуира Стоби во истражувачки, музејски и туристички центар налик на Помпеја, потребни се законски измени, современи објекти за наука и конзервација, музеј и подобра туристичка инфраструктура од една страна, а потоа и зголемување на човечките ресурси, независни од политички влијанија, вели м-р Гоце Павловски, археолог. кустос – советник во НУ „Стоби“.

Античкиот град Стоби кај Градско е единствениот археолошки локалитет во Македонија кој функционира како самостојна национална институција. Таму неделава почна 15. Интернационалната школа за археологија. Проектот првпат се реализира во 2010 година како резултат на соработката на тимот од Националната установа „Стоби“ и Фондацијата „Балканско наследство“ од Бугарија. Школата е отворена буквално за секого, покрај студентите по археологија, можат да учествуваат и сите вљубеници во минатото кои сакаат да искусат теренска археолошка работа, вели Павловски.

Учесниците се пријавуваат преку веб-страницата на „Балканско наследство“, кои се задолжени за логистиката и организацијата пред пристигнувањето во Стоби. Ископувања и обуката ги водат експерти од Стоби. Школата нуди специјално дизајнирана програма со фокус на едукација. Учесниците стекнуваат знаења за методите на археолошко истражување и креирање теренска документација.

– Низ теренската работа се изучува контекстуален пристап – откривање, идентификација и документирање на стратиграфски единици. Учесниците работат и на обработка на движен материјал. Од аспект на документација, тие водат теренски дневник и се обучуваат за фотографија, фотограметрија и техничко цртање. Програмата вклучува и предавања за историјата на Стоби, методологија, архитектура и материјална култура. За викендите има екскурзии до Битола, Охрид и Скопје, а програмата завршува со тест, по што студентите добиваат оцени и кредити – вели Павловски.

Придобивки од меѓународната соработка

Од 2014 година тимот работи на просторот јужно од Теодосиевата палата (Теодосијанска палата), околу мистериозниот објект наречен „Затвор“. Според Павловски, целта е да се расветли врската меѓу палатата и објектот, како и урбаната трансформација на просторот. Годинава екипата ќе истражува под подовите на куќите изградени во 6 век, кои ги користеле ѕидовите на „Затворот“, како и подземната просторија 2 од истиот објект.

Интернационалната школа за археологија 2022 година

Во сиве овие години на Стоби се одржуваат и школи за конзервација, за мозаици во соработка со бугарската фондација. Оваа соработка има многу придобивки.

– Во овие 15 години соработувавме на повеќе проекти, меѓу кои работилниците за конзервација на керамика и стакло, мозаици, фрески и архитектура. Покрај едукативните програми, заеднички изработивме и мастер-план за конзервација на Стоби и го реализираме проектот за конзервација на Теодосијанската палата. Овие два проекта се финансирани од фондацијата JM Kaplan од САД, и во нив учествуваат интернационални експерти од највисок ранг. Придобивките од оваа соработка се многубројни – од финансиска поддршка, преку комуникација со експерти од целиот свет, до постојана размена на искуства и идеи – вели Павловски.

Во што може да прерасне Стоби?

Археолошки локалитети – самостојни институции имаме и во регионот, а е еден од најсветлите примери во поглед на организациската структура е локалитетот Виминациум во Србија, во чии рамки функционира истражувачки центар во текот на целата година. На прашањето колкави се шансите Стоби да продолжи институционално да расте и да се развива по овој пример, Павловски објаснува дека со формирањето на НУ „Стоби“, локалитетот доби институција перманентно посветена на негово истражување, конзервација и презентација.

Интернационалната школа за археологија 2014 година

– Во изминативе 17 години ние сме присутни на локалитетот секој ден и така реализиравме 100 отсто од проектите од годишната програма на Министерството за култура за секоја посебна година, како и бројни меѓународни проекти. Објавивме две изданија на Студии за старините во Стоби, една монографија, а се подготвуваат уште најмалку три книги. Сето ова е споредливо со функционирањето на Виминациум, со одредени правни разлики – кај нив локалитетот го менаџира Археолошки институт, а кај нас специјална национална установа – вели Павловски.

Според него, предноста на Стоби е поголемата истраженост, подобро сочуваните споменици, како и значителната реализација на конзерваторски проекти кои ги следат археолошките истражувања. Сепак, Виминациум има државна поддршка од многу висок ранг, има голем број доктори на науки и современа инфраструктура како лаборатории, изложбени простор и туристички капацитети.

Интернационалната школа за археологија 2022 година

– Нашата соработка со Виминациум е одлична, и она што нам ни недостасува е поинаква правна поставеност што ќе овозможи формирање посебен научен оддел. За да еволуираме во истражувачки, музејски и туристички центар налик на Помпеја, потребни се законски измени, современи објекти за наука и конзервација, музеј и подобра туристичка инфраструктура од една страна, а потоа и зголемување на човечките ресурси, независни од политички влијанија. Центарот мора да има автономија во работењето, налик на универзитет, поточно институт, за да обезбеди континуитет. Токму затоа Виминациум е успешен пример со ист тим и раководство од почетокот на 2000-тите – вели Павловски.

Фото: НУ „Стоби“

Сподели