До донација од 150.000 евра ќе се модернизира и дигитализира Природонаучниот музеј од Скопје. Донацијата е на „Стопанска банка“ АД Скопје, а меморандумот за тригодишно стратешко партнерство денеска го потпишаа министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, генералната директорка на Банката, Хрисула Кутуди и директорот на Музејот, Ивица Заркадов. Договорот е во пресрет на 100-годишнината од основањето на музејска институција во 2026 година.
Љутков се заблагодари за поддршката на Музејот како национален центар за еколошко и научно образование.
– Ова е потврда за тоа како јавниот и приватниот сектор можат успешно да соработуваат за создавање подобри услови за учење, за иновативни културни и научни содржини и за поддршка на младите генерации. Особено ме радува што проектите што ќе се реализираат, од Магичната соба до подобрената пристапност, модерната веб-страница и новите дигитални алатки, директно ќе влијаат врз развојот на љубопитноста, знаењето и креативноста кај најмладите посетители – рече Љутков.
Кутуди нагласи дека банката негува долга традиција во поддршката на образованието, науката и јавните институции.
– Се надевам дека со ова партнерство ќе придонесеме за нови интерактивни искуства за илјадниците деца кои го посетуваат Музејот секоја година, продолжувајќи ја со тоа научната мисија градена веќе еден век – рече таа.
Заркадов се заблагодари на „Стопанска банка“ за значајната донација која ќе овозможи обновување на влезниот портал и на холот, изградба на првата интерактивна „Магична соба“ (Magic Room) во Македонија и целосна модернизација на веб-страницата. Тој истакна дека овие промени ќе го направат Музејот поатрактивен и за учениците и за младите и за туристите, и дека ова претставува прва ваква поголема донација директно вложена во музејската зграда во неговото столетно постоење.





