Под отворено небо во Музјеот на современата уметност во Скопје вечерва во 21 часот ќе се одржи проекција на експерименталниот документарен филм „Екран за Скопје“ (1988, 31′) на полската филмска режисерка, актерка и продуцентка Малгоржата Потоцка. Проекцијата е сеќавање на катастрофалниот скопски земјотрес од 1963 година. Филмот следи уметници активни во 80-те години додека создаваат претстави, акции и јавни интервенции. Дел од нив, Кристо, Симон Шемов, Петар Мазев и Јержи Трелински донираа свои дела на уметничката колекција на МСУ, но вклучени се и други како Јозеф Робаковски, Иван Владислав Галета, Џоан Џонас. Во меѓувреме, две фигури, скриени зад бело платно, разиграно ги водат гледачите низ модернистичкото Скопје. Кустос на летното кино во МСУ е Софиа Григориаду. По проекцијата следи дружење со музика и пијалаци.
Документарецот е дел од изложбата со дела од вредната уметничка колекција на МСУ „Ниедно чувство не е конечно. Колекција на солидарноста, МСУ Скопје“, отворена во Кунстхале Виена и која во моментов е отворена во Националната галерија во Прага.
Приказната за МСУ е директна последица од скопскиот земјотрес и потсетник на светската солидарност во обновата на градот. По земјотресот, Обединетите нации веднаш апелирале за помош и потенцирале: „Покрај материјална штета и многуте човечки жртви, важна е и културата како клучна алка во подигнувањето на духот на скопјани“.
Со помош на Меѓународната асоцијација на уметници повикани се светски познатите уметници да донираат дела. Тука почнува приказната за МСУ. Во 1964 година се формира Музејот на современата уметност – Скопје, а објектот е отворен во 1970 година.
На повикот до светски уметници меѓу првите се пријавил Пабло Пикасо, а по него и многу други: Дејвид Хокни, Виктор Вазарели, Александар Калдер, Кристо и Жан-Клод, Џаспер Џонс, Алекс Кац, Алберто Бури…
– Во знак на солидарност, од целиот свет пристигнуваа вредни подароци во МСУ. Денес, колекцијата од над 5.300 дела е збир на важни личности од историјата на уметноста, од Украина до Јужна Африка, од Чиле до Нов Зеланд – велат од МСУ.
Повеќе од 35 земји учествуваат во обновата на Скопје, помеѓу нив и Владата на Полска, која понудила концепциски проект за изградба на објект од јавен интерес. На јавниот конкурс се пријавиле 86 тимови, а победуваат Јежи Мокшињски, Вацлав Клишевски и Еугењуш Вјежбицки, познати под псевдонимот „Тигри“.
– Замислата била Музејот да се подигне на највиската точка во срцето на Скопје, видлив од секаде, кој ќе доминира над градската панорама како средишен споменик и симбол на светската солидарност во обновата на Скопје. Совршено вклопена во конфигурацијата на скопското Кале и опкружена со панорамата на градот, зградата на МСУ е извонреден пример на архитектурата на доцниот модернизам и потсетник на после земјотресната обнова на Скопје – велат од МСУ.
На 13 ноември, 1970 со говор на Блаже Конески отворен е Музејот на современата уметност.
Бројните донации на уметнички дела направија МСУ да стане симбол на светската солидарноста, која денес е трајна вредност во колективната меморија на македонската јавност, издигнат над сите поделби: естетски, политички, верски и расни.





