Толку се израдував дека ќе почне со работа гимназијата и многу ми е жал што сè тргна надолу. Ова се најдобрите ученици и тие се борат за подобри услови за работа – изјави проф. ф-р Зоран Мисајлески од Градежниот факултет кој денес им даде поддршка на учениците од Математичко-информатичката гимназија што ја бојкотираат наставата
Многу сме разочарани. Во прва година ни беше одлично, во втора веќе почнаа проблемите и во трета еве се соочуваме со нови ситуации и се бориме за подобра настава и подобар кадар – изреволтирани во јавноста излегоа учениците од Математичко-информатичката гимназија од Скопје, кои ја бојкотираат наставата. Тие се незадоволни од изборот на професорите и нивната честа промена што влијае врз квалитетот на наставата.
– Таа промена се случува секое полугодие, со што се отежнува нашата подготовка за натпревари што ни е најважна во овој период. Се губи време со тоа што треба да се запознаваме со новите професори одново и одново. Во трета година 80 отсто од предметите ни се стручни. На местото на старите професорите доаѓаат други со послаби квалификации за работа во оваа гимназија. Разговаравме со директорката, но не добивме никаков одговор дека нешто ќе се смени – велат тие.
Денес се одржа и совет на родители на кој се разгледуваше актуалната ситуација.
– Ние сме овде за да научиме повеќе и да добиеме повеќе, а не да работиме сами. Сме имале многу професори што се потрудиле во овие години и сме имале резултати. Нашата програма е поспецијализирана. Со честите промени на кадарот ние треба да се прилагодуваме на секој нов наставник. Нам ни требаат кадарните професори од ФИНКИ и од ПМФ – велат учениците.

Проф. д-р Миле Јованов
Поддршка на учениците им дадоа и универзитетски професори кои учествувале во создавањето на гимназијата. Еден од нив е Миле Јованов, професор на ФИНКИ, претседател на Здружението на информатичарите на Македонија и голем поборник за отворањето на оваа гимназија.
– Уште во 2011 година дискутиравме дека има потреба да се отвори ваква гимназија, по примерот на гимназијата во Белград, па дури и по примерот на една наша гимназија што постоела во 70-тите години, а била паралелка во „Ѓорги Димитров“. Учениците што завршиле таму денес се при крај на својата кариера и ни биле наши професори. За да функционира оваа гимназија треба да се изберат најдобрите ученици, да има добар менаџмент што ќе ја разбере идејата за постоењето на гимназијата и, се разбира, да има добри професори. Се обидов во првите две години колку што можам да помогнам, целта беше да ја помогнеме гимназијата колку може и да знаат дека ова е местото каде што треба да одат. Тоа беше главното – вели Јованов.
Тој се јавил на последниот конкурс за еден предмет и за три часа неделно за да може да работи со учениците со кои веќе работел и се подготвувал за натпревари. Не добил никакво образложение зошто не е примен.
– Се обидов да убедам и други колеги да се јават на конкурсот. Континуирано оваа учебна година имаше проблеми. Тие се предизвикани од некого. За мене ова не е лично прашање, не е дали јас ќе предавам. Ова се одбрани деца од цела Македонија, кои имааат успеси, за разлика од менаџментот што ги нема и децата знаат кој професор бил добар кој не. Оваа гимназија има професор што држи 18 часа по пет различни предмети и тоа е невозможно да е квалитетно. Потребни се 3-4 различни професори кои ќе одвојат дел од своето универзитетско време и ќе дојдат да работат со овие деца – вели Јованов.
Тој додава дека и самиот Закон што ја регулира работата на оваа гимназија има многу празнини.
– Има недефинирана големина на паралелеките, како паралелка од класичните гимназии – 34 деца, а тоа е незамисливо и е неприфатливо за ваков тип на настава.

Проф. д-р Зоран Мисајлески
Поддршка на учениците им даде и проф. д-р Зоран Мисајлески кој предава математика на Градежниот факултет во Скопје. Тој бил во комисиите за формирање на МИГ во 2016 и 2017 година, кога почна да се реализира оваа идеја.
– Пред 20 години учествував на натпреварите по математика и во нашето здружение се дискутриаше да се формира една ваква гикназија. Која беше идејата? Да има врвни услови за да сакаат најдобрите ученици да се запишат. И ќе бидат најдобрите од најдобрите оти тие можат да слушаат настава на повисоко ниво. Тие ќе успеат да се развијат и на факултет да напредуваат, да бидат врвни професори и да го развијат образованието и со тоа да влијаат на технолошкиот развој на самата држава. Идејата беше класовите да бидат со по 15 ученици, тие да се делат во групи по помали ученици. Да предаваат универзитетски професори, да имаат поддршка односно корелација со Институтите по математика и по информатика и тие да вршат избор. И сега се случува пониско рангиран кадар да избира повисоко рангиран кадар – посочува Мисајлески.
Тој објаснува дека се планирала и мобилност и соработка со врвни професори од регионот, но ништо од тоа.
– Нам, на професорите не ни е предизвик ниту финансиски, ниту за интелектуална награда. Сакаме да помогнеме. Толку се израдував дека ќе почне со работа гимназијата и многу ми е жал што работата тргна надолу. Ова се најдобрите ученици, тие секако работат и се борат за подобри услови за работа – вели Мисајлески.
На прашањата на Умно.мк како да се надмине ситуацијата, од Министерството за образование и наука велат:
– Согласно Законот за математичко – информатичка гимназија, за ангажирање на наставен кадар, односно надворешни стручни лица, по добивање на согласности од МОН, односно од Министерството за фнансии, училиштето објавува јавен оглас. По завршување на рокот од последниот објавен оглас, разгледани се сите документи на кандидатите кои навремено доставиле комплетна документација. Изборот е извршен согласно критериуми за избор на стручни лица, согласно Критериуми за ангажирање на истакнати стручни лица по договор на дело. Организацијата на наставата е исто така надлежност на самото училиште, односно директорот. Пропуштените часови кои ги реализираат стручните лица ќе се реализираат во текот на второто полугодие во договор помеѓу професорите и учениците.





