Нобелова награда за хемија за Мунжи Бауенди, Луис Брус и Алексеј Екимов

Научниците Мунжи Бауенди, Луис Брус и Алексеј Екимов ја добија Нобеловата награда за хемија, соопшти Кралската шведска академија на науките. Тие ја добија наградата „за откривање и синтеза на квантни точки“.
Од Академија објаснуваат дека физичарите одамна знаеле дека во теорија, квантните ефекти зависни од големината може да се појави кај наночестичките, но во тоа време беше речиси невозможно да се извајаат во нанодимензии. Затоа, малкумина веруваа дека ова знаење може да биде практично искористено.
Сепак, во раните 1980-ти, Алексеј Екимов успеа да создаде квантни ефекти зависни од големината во обоено стакло. Бојата дојде од наночестичките на бакар хлорид и Екимов покажа дека големината на честичките влијае на бојата на стаклото преку квантни ефекти. Неколку години подоцна, Луис Брус беше првиот научник во светот кој докажа дека квантните ефекти зависни од големината на честичките слободно лебдат во течност.
Во 1993 година, Мунжи Бауенди направи револуција во хемиското производство на квантни точки, што резултираше со речиси совршени честички. Овој висок квалитет беше неопходен за тие да бидат апликативно искористени.
– Квантните точки денес ги осветлуваат компјутерските монитори и телевизиските екрани базирани на QLED технологијата. Тие исто така додаваат нијанси на светлината на некои LED светилки, а биохемичарите и лекарите ги користат за мапирање на биолошкото ткиво.
Квантните точки на тој начин му носат најголема корист на човештвото. Истражувачите веруваат дека во иднина би можеле да придонесат за флексибилна електроника, ситни сензори, потенки соларни ќелии и шифрирана квантна комуникација – затоа штотуку почнавме да го истражуваме потенцијалот на овие ситни честички – велат од Академијата.

Илустрација: Никлас Елмехед / Извор: Nobel Prize

Сподели