Работилници на три јазици за Светскиот ден на учителот

Со мултикултурни работилници изведени на македонски, на албански и на турски јазик, Детски културен центар „Карпош“ во соработка со Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ од Скопје денеска во 11 часот ќе го одбележи 5 Октомври, Светскиот ден на учителот. Учесници на работилниците ќе бидат ученици од прво до петто одделение од основните училишта во Скопје. Дел од нив ќе бидат реализирани од дипломирани студенти од Педагошкиот факултет, сегашни наставници, а дел од работилниците ќе бидат водени од стручни едукатори кои се вработени во ДКЦ Карпош.

Според проф. д-р Билјана Камчевска, деканка на Педагошкиот факултет, преку мултикултурните работилници и заедничката соработка на двете институции уште еднаш се покажува важноста на учителската професија. Директорката на ДКЦ „Карпош“, д-р Билјана Лалчевска-Серафимовска додава дека вклучувањето во сферата на културата и уметноста на децата од најмала возраст им ја буди креативноста во понатамошниот образовен процес.

Мултикултурните работилници ќе ги опфатат сите наставни подрачја, а учесниците (на сите три јазици) ќе имаат можност креативно да пишуваат на тема: „Невидлива димензија“, практично ќе експериментираат, ќе цртаат и ќе сликаат, а ќе проследат и интересна музичко драмска изведба.

Сподели