„До кога ќе ги погазуваме нашите најголеми ликовни херои?“, прашуваат четири уметници кои вчера поставија свои дела околу куќата на доајенот Лазар Личеноски, крај реката Вардар под Скопското кале. Изложбата и спомен-куќата симболично ја нарекоа „Музеј на прашина“.
– Пред три години на ова место се одржа првата изложба во „Музејот Лазар Личеноски“. Изложбата беше поради незадоволството од институциите за заборавената спомен-куќа на македонскиот доајен Лазар Личеноски. И еве, три години по таа изложба, нема што многу да се каже. Куќата се распаѓа, а дворот обраснат со големи треви – реагираат младите уметници.
Михаил Паскоски, Сара Митковска, Евгенија Трајковска и Миро Костовски ја направија активистичката изложба, револтирани од состојбата на храмот на културата.
– Последната желба на Лазар Личеноски е неговата куќа која ја изградил сам со свои раце, по неговата и смртта на неговата жена да прерасне во музеј … Во каков музеј? Па сигурно не на прашина. Сакаме да ја видиме оваа спомен-куќа отворена и да биде инспирација за секој млад уметник и љубители на уметноста – велат младите автори.
Инсталациите и делата сè уште се таму и секој заинтересиран може да ги види.
Куќата на Лазар Личеноски е изградена во 1961 година, во сопственост и на име на Лазар Личеноски. Со Решение за тестаментални и законски наследници, куќата поминува во сопственост на Владата во 2015 година, односно на Министерството за култура. Тогаш станува дел од Националната галерија на Македонија како нова организациска единица. 122 дела на Личеноски што беа во Куќата се наоѓаат во депоата на Галеријата, но не се во состојба да бидат изложени. Во тек е заштита не дел од неговите дела.





