Актерката Весна Петрушевска ја прими наградата „Васил Иљоски“, што ја доделува фестивалот „Денови на комедија“ синоќа во Куманово. Наградата ја доби во знак на благодарност за нејзиниот исклучителен придонес кон македонскиот театар, особено во областа на комедијата.
– Неколкупати сум доаѓала тука и секогаш сум ѝ се радувала на кумановската публика. Не е тоа лага, затоа што јас сум половина кумановка. И можу да кажу дека подобро збору од мајку ми, али се плашу да не згрешу граматику и синтаксу. И секогаш сум имала трема. Инаку, од сите кумановци кои се во Скопје, везам кумановски и пцују на кумановски. Ќе паднев од стол кога ми кажаа дека сум лауреат, цело време со работа, немаш време да размислуваш за награди. И кога ќе ти дојде една ваква голема награда, а тврдам дека е една од поголемите и притоа го носи името на Васил Иљовски, тоа е грандиозно. Затоа сум многу горда и среќна и ви благодарам од срце. Наградата и’ ја посветувам на мајка ми, која вечерва е со нас. Кумановката која е мој најголем поддржувач и критичар. Мамо, те сакам, ова е за тебе“, рече Весна во обраќањето пред публиката.

Со уникатна сценска енергија, актерска прецизност и вродено чувство за хумор, Петрушевска е една од најпрепознатливите фигури на современата македонска театарска сцена. Нејзиниот талент се согледува во улоги што остануваат запаметени – не само по смеата што ја предизвикуваат туку и по слоевитоста, длабочината и општествената критика што ја носат. Комедијата, во нејзините изведби, не е само форма на забава туку и алатка за размислување и за емпатија. Со доделувањето на ова признание, фестивалот ѝ оддава заслужена почит за нејзината посветеност и силното влијание врз развојот на театарската уметност во Македонија, велат од нејзината матична сцена, Македонскиот народен театар.

Сцена од „Бог на колежот“
Фестивалот „Денови на комедија“ официјално започна на 24 септември и ќе трае до 10 октомври. Публиката ќе има можност да проследи вкупно единаесет претстави, помеѓу кои и „Бог на колежот“ на МНТ, што ќе биде изведена утревечер во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово. На сцената ќе настапат актерите Ѓорѓи Јолевски, Дарја Ризова, Благој Веселинов, Наталија Теодосиева и децата од актерската школа на Петрушевска.
Иако минималистичка, „Бог на колежот“ нуди длабока критика на лицемерието, лажниот морал и распадот на семејните и општествените вредности. Преку судирот меѓу двe брачни двојки – навидум култивирани и учтиви – се разоткриваат човековата ранливост, агресија и емоционална нестабилност. Сцената во станот е метафора на клаустрофобичниот современ живот, во кој фрустрациите и потиснатите чувства експлодираат во апсурден колеж. Публиката, како тивок сведок, неретко се препознава во овие горчливи конфликти – токму затоа што се вистинити.





