До 20 август трае акцијата „Со книга на плажа“ на „Матица македонска“

Зголемен е интересот на читателите за нови книги на македонски јазик, информираат од книгоиздателството „Матица македонска“. До 20 август трае нивната акција „Со книга на плажа“, традиционална манифестација што се одвива по 26. пат.

– Особено е важно што и во време на експанзија на дигиталните медиуми и постојана екранизација, голем е интересот за книгите и кај младите, поновите генерации читатели. Младите имаат интерес за акцијата „Со книга на плажа“ и тоа не само за преведената литература, туку и за делата од македонски автори, вклучително и најновите изданија. И во време кога сè повеќе се говори дека новите генерации не читаат или барем малку читаат, Македонија и натаму има вистински читатели – велат од „Матица македонска“.

Во рамките на акцијата, сите изданија се продаваат по половина цена, а специјален попуст имаат сите изданија што се дел од лектирата во основните и средните училишта.

– Кај македонските ученици и натаму има интерес за старата добра навика – лектирите да се читаат во текот на летниот распуст, поради што тие или нивните родители ја користат акцијата „Со книга на плажа“. Податоците укажуваат дека мисијата на клубот „Матица“ продолжува да се остварува – популаризација на македонската книжевност, но и поголем интерес за книгата во Македонија воопшто – велат од издаваштвото.

Покрај македонските, со акцијата „Со книга на плажа“ се опфатени и најбараните и најчитани странски книги и автори во превод на македонски јазик. Сепак, посебен акцент е ставен на книгите од македонските автори. Романи за сите генерации, семејни приказни, автобиографии, фантастика, филозофија, психологија, историја, драма, трилер, мистика, есеистика, гастрономија, право и политика, лексикографија, книги за деца, енциклопедии, духовна литература, книжевна критика, поезија и разни креативни изданија се опфатени со ова издание на традиционалната акција на „Матица македонска“.

Сподели