„ХалкЕко“ e нова гранка со модерни варијанти на екоторби и дизајнирани екомаици, проект на „Халкбанк“ и дизајнерката Јована Филиповиќ. Идејата за соработка почнала пред девет месеци, а целта е да се спојат екологијата, самосвесноста и модата во еден производ, екоторби, на три различни начини. Во процесот на дизајнирање на торбите, соработниците добиле идеја да се осмислат и маици кои ќе бидат изработени исто така од екоматеријали и ќе ја зајакнат екопораката.
„ХалкЕко“ на Халкбанк е мобилна апликација која охрабрува на физичка активност, еко свесност, формирање здрави навики и придонес кон зачувување на животната средина. Корисниците на апликацијата добиваат „ХалкКоинс“ за активности како трчање, пешачење, возење велосипед или тротинет, со што им следуваат подароци, бенефиции и можности за засадување зелени површини.
– Во рамките на нашата „ХалкЕко“ платформа, наместо пластични ќеси за пазарење, сакавме да им понудиме на нашите корисници вистински модни решенија за торби кои ќе бидат во линија со нивната еко свест. Овој тренд заслужува поздрав и вистинско внимание. Се обративме до Јована Филиповиќ, убедени дека ќе ги надмине нашите очекувања – велат од тимот за корпоративни и маркетинг комуникации на „Халкбанк“.
Филиповиќ објаснува дека торбите и маиците се наменети за мажи и жени и се осмислени да може лесно да се вклопат во секојдневнието. Сè е направено од 100 отсто еко-материјали и поголемиот дел од торбите и маиците се изработени со нула отпад прозводство.
– Ме одушеви иницијативата на „Халкбанк“ за ваков тип на соработка, не само поради тоа што е многу иновативна и инспиративна, туку е пред сè креативна порака за развојот на еколошката свесност која треба да ја има секој од нас – вели Филиповиќ.
Изминатите години, „Халкбанк“ преку „ХалкЕко“ платформата постојано организира, реализира и поддржува еко проекти, спортски настани и општествено одговорни практики. Оваа платформа која е силно поддржана од партнерот „Мастеркард“ и од луѓето како нејзини корисници, Министерството за економија годинава ја прогласи за најдобар општествено-одговорен проект во категоријата Однос со животната средина.





