„Крикот на охридската пастрмка“ – аларм за загрижувачката состојба со ендемската риба

Купувањето охридска пастрмка е соучесништво во нејзиното истребување. Охридската пастрмка е загрозен вид и ловот е строго забранет. Не постои легално уловена охридска пастрмка во Македонија бидејќи е трајна забрана за лов на пастрмка и белвица. Купувајќи и консумирајќи охридска пастрмка и белвица директно го поддржувте рибокрадството и нивното уништување. Езеро без концесија – село без кучиња – ова се дел од пораките што охриѓани и туристите можат денес да ги прочитаат низ градот, на стари рибарски мрежи на кои се поставени силуети на фотографии од пастрмки. Тие се дел од акцијата „Крикот на охридската пастрмка“.

Акцијата беше спроведена на пет места во Охрид и се надеваме дека на овој начин ќе ги испровоцираме надлежните поефикасно и поревносно да се зафатат со решавање на овој проблем, велат организаторите.

– Иако Охридското Езеро нема концесионер повеќе години, а ловот е строго забранет, охридската пастрмка се нуди во сите ресторани околу езерото, под тезга, во рибарниците, а постојат и т.н „агенти” што вршат достава на пастрмка до дома. Криволовот, односно рибокрадството со години има енормни размери, што доведува до десеткување на популацијата на пастрмката. Сè почесто се ловат, односно криволоват риби неколкукратно помали од законските мерки за минимална големина на пастмка, односно единки кои воопшто не успеваат да достигнат репродуктивна зрелост, туку илегално завршуваат на трпеза – велат организаторите.

Најдобар пример за состојбите со популацијата на пастрмката може да се види од една акција на Државниот инспекторат за земјоделие, при која се одземени мрежи со улов од околу 140 пастрмки, кои заедно тежеле само 33 килограми, односно во просек по околу 400 грама, што е далеку под минималната мерка и далеку од репродуктивната зрелост на рибите.

– Поради немање концесија, но и поради низа бирократски бариери веќе неколку години не се врши вештачки мрест и порибување од македонската страна на езерото, додека бројките со кои се порибува албанската страна на езерото се минимални – посочуваат од акцијата.

 

Сподели