Диско перформанс – фузија на мјузикал, стенд ап комедија и караоке ќе изведат актерките Нина Елсезер, Ангела Стојановска, Надица Петрова и Бонита Стеви вечерва во 21 часот во „Јавна соба“ во Скопје. Тие ќе претстават спој на театарска глума и музичко сценски настап преместувајќи го вешто тежиштето на забавата од театарски перформанс кон музичко забавен. Несомнено е дека актерките се подготвиле за овој прокет, но и нивните вокални можности се на ниво на врвни вокалисти, а нивото на изведба е на добро извежбана театарска претстава. Стилист на проектот е Сашка Павловска, а продукцијата е на „Јавна соба“.
– При осмислување на проектот актерките си го поставија прашањето: Како девојки родени во 90-те би ја внеле скопската публика во диско ерата на 70-те и 80-те? Тие со своите извонредни перформанси успејаа многу вешто да ја осмислат целата двочасовна програма за публиката да заминe срeќна, весела и со желба за повторно видување – велат од „Јавна соба“.
Со овој пионерски проект независните актерки истапуваат на слободниот пазар-јавноста, по моделот на Broadway Theater. Билетите за настанот се купуваат на лице место.





