Студентскиот дипломски филм „Сенките на месечината“ на Тина Величковиќ и Димитар Атанасоски ја освои наградата за најдобар регионален студентски краток филм на Silver Frame Film Festival што се одржа во Сребреница, Босна и Херцговина. Филмот е во продукција на Факултетот за драмски уметности од Скопје.
Silver Frame Film Festival е значаен настан кој се фокусира на обезбедувањето простор за креативен дијалог, соработка и рефлексија обележан преку Сребреница и длабоката траума на војната. Идејата на фестивалот е поврзана со историското значење и вредностите на градот кои се рефлектираат во желбата за солидарност, мир и праведност. Во таа насока и целата програма на фестивалот е насочена кон оддавање почит на надежта и отпорноста.
Филмот ја обработува темата за соопштување на смрт на мало дете и во процесот на барање на одговорите, како возрасните сфаќаат дека и самите мораат да најдат начин како да ја разберат смртта, особено кога станува збор за блиски луѓе. Во приказната има блага критика и осврт на условите кои ги нема во нашите болници и колку тоа што се случува по здравствените установи се смета за нормално, а е далеку од нормално.





