Александра Ацеска: Сите ние делиме исти болки и исти битки

Изложбата Flow („Пловидба“) од Александра Ацеска ќе биде отворена утре во 18 часот во Мобилната/Монтажна галерија во Паркот на франкофонијата во Скопје

Инспирирана од животот и борбата на четири жени, и самата како петта личност во процесот, уметницата Александра Ацеска создаде уметнички дела што ќе ги изложи утре во 18 часот во Мобилната/Монтажна галерија во Паркот на франкофонијата во Скопје. Изложбата е насловена Flow („Пловидба“). Таа ќе се претстави со дигитални графики и суминагаши печати, цртеж/ инсталација и уметничка книга. Изложбата ќе биде проследена со разговор помеѓу авторката Ацеска, Филип Димкоски и Иван Ивановски.

Александра Ацеска

Покрај принтовите се претставувате и со книга, која е инспирирана од Вашиот престој во Кина преку искуствата и пријателството со четири жени. Раскажете ни повеќе за позадината на оваа конекција?

– Ова се приказни на четири мои пријателки, со кои се сретнав за прв пат во Кина. Нивните животи се многу разнолики но, она што ги поврзува е нивниот храбар однос кон животните тешкотии. Нивните борби се универзални – чести за жените денес – но не сите излегуваат од ваквите борби посилни и подобри од претходно. Кога ги слушав како зборуваат за нивното минато, ми стана појасно дека сите ние делиме исти болки и исти битки, без разлика дали сме од Кина, Русија, Полска, Америка или од Македонија, или припаѓаме на различни генерации. Единствената вистинска разлика лежи во начинот на кој се справуваме со животот и со светот околу нас. Расположението е клучно, а во нивниот случај придонесува во здрава и стабилна траекторија нагоре, односно, пловидба низ животните струи.

Како живеењето во Кина влијаеше на Вас како автор во однос на творештвото и на филозофијата на животот воопшто?

– Уште пред да се преселам во Кина имав наклонетост кон источната филозофија и естетика. Логично беше што кога почнав да творам таму, медиумите и материјалите беа први траги од влијанието на моето творештво. Најмногу бев инспирирана од кинеската калиграфија и стојам зад тоа дека под значењето на карактерите, таа е апстрактна експресија. Исто така, делата не можат многу да се одделат од животот на оној кој ги создава, па сега кога ги гледам моите, си наоѓам траги од апстрахирани елементи од глетките кои ми се секојдневни.

Од аспект на филозофија, мислам дека она што најмногу се промени во мене е тоа што научив да го слушам животот подобро, да го следам текот без да форсирам, со верување дека со отворено срце и добри намери сè оди во наша полза, сега или подоцна. Имам голем интерес за I ching филозофијата (конкретниот превод е оној на Richard Wilhelm – I ching or book of changes) која ме охрабри да не се плашам од промени туку да се впуштам во нив.

Колку Кина како држава обрнува внимание на ликовната уметност во образованието? Колку е застапена во развојот на учениците?

– Кина вложува многу во своите млади. А уметноста е елитна професија, бидејќи сè уште има многу почит кон техничките усовршувања, за кои навистина е потребно време и добри учители за да се има врвни достигнувања. Како и на други места, поголемиот дел од населението нема доволно информации за современите уметнички форми, па ги препознава само традиционалните (пејзажи, калиграфии и портрети).

Но и покрај тоа, интересот на младите за уметничките професии е голем. Кај младите генерации нема многу стереотипи за тоа што поточно е уметноста, но има отпор од нивните родители кои сè уште се држат за идејата дека уметноста не е просперитетна професија и се повикуваат на погрешната слика на „уметници паталци“ која, од мое досегашно искуство е погрешна. Како уметник, но и едукатор јас особено посветувам внимание и енергија на оние кои имаат доволно интерес за да ја разберат уметноста во целост.

На што работите во моментот? Кои се Вашите идни планови?

– Во моментов најголем фокус ми е интердисциплинарната форма на изразување. Открив симпатија кон соработка со личности од други полиња на интереси, особено биологијата и психологијата. Идните проекти на кои работам се оној со биологот Др. Zhang Wei, со кој ги истражуваме живите микробиолошки култури на кампусот на Универзитетот за Ликовни уметности во Гуанжу и потоа правиме паралели помеѓу нивните животни навики и оние на студентите кои живеат таму.

Друг проект кој е сè уште само теоретски е оној со мојот татко Илија Ацески, во кој ќе ги истражуваме формите на флората и фауната на планините во Прилепското подрачје во Македонија, за кој сè уште е рано да навлегувам во детали.

Сподели