Во „Синема галери“ во Брисел синоќа беше прикажан македонскиот игран филм „Диџеј Ахмет“, режисерското деби на Георги Унковски, настан што го привлече вниманието на претставници на европските институции, дипломати, филмски професионалци, гости и љубители на седмата уметност. Пред почетокот на проекцијата, пред присутните се обрати министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој истакна дека прикажувањето на македонски филм во срцето на Европа претставува значаен успех и силна потврда за квалитетот на домашната кинематографија.

– Чест ми е што вечерва, овде во срцето на Европа, во Брисел, го одбележуваме премиерното прикажување на македонскиот игран филм „Диџеј Ахмет“. По оваа проекција, верувам дека сите ќе почувствуваме колку филмот може истовремено да биде длабоко локален по својата приказна, а сепак универзален по емоцијата и пораката што ја носи“, истакна министерот Љутков.
Тој упати искрени пофалби до авторскиот и продуцентскиот тим, нагласувајќи дека филмот претставува уметничко остварување што достоинствено ја претставува државата на европската сцена и е доказ за зрелоста, креативната храброст и меѓународниот потенцијал на македонската кинематографија.

Тој додаде дека филмот е резултат и на силна меѓународна соработка и доверба меѓу партнерски институции. Тоа е потврда дека кога се работи заеднички, може да се
создаде вредност што ги надминува границите и говори на јазик разбирлив за сите.
– Ова не е само уметничко дело, туку резултат на соработка, доверба и заедничка визија. Копродукциските проекти се одлична можност нашите автори и продуценти да станат дел од поширока европска мрежа, да добијат пристап до нови пазари и нова публика и на тој начин малите кинематографии да бидат рамноправен и видлив дел од европскиот аудиовизуелен простор“, рече министерот.

По проекцијата се одржа панел-дискусија посветена на улогата и значењето на
копродукциите во европскиот аудиовизуелен сектор. Премиерата и панел-дискусијата претставуваат уште една потврда за активното присуство на македонската култура на европската сцена и за континуираната заложба за продлабочување на соработката со европските партнери.





