Детскиот филм „Смрдушковци“ во кината низ Македонија

Германскиот детски филм „Смрдушковци“ во режија на Јенс Мулер и Тоби Генкел од утре ќе се прикажува во кината низ Македонија. Проекцијата во Кинотеката е закажана за 14 часот, во скопското кино „Милениум“ со почеток од 19 часот и во киното „Манаки“ во Битола од 18 часот. Филмот се фокусира на проблемите на семејството Смрдушковци, а приказната се врти околу зборот „дом“. Каде припаѓаме? Кој одлучува каде да останеме? Режисерот Генкел за пораката на филмот вели:

– Приказната е едноставна колку што е утопистичка: бидете отворени, не плашете се од работите што не ги знаете, помагајте им на луѓето во неволја – и на крајот сите победуваат – вели тој.

Во потрага по својот нов дом, Смрдушковци се наделуваат во Смрдвил, едно прекрасно и весело селце. За жал, во Смрдвил има еден гаден проблем: локалната депонија ја згадува целата околина и нешто мора да се преземе. Макс, синот на градоначалникот, е млад талент кој тајно мечтае да го реши смрдливиот проблем со една луда машина која ја изработува заедно со професорот Пенливски и неговата внука Лота. Кога Макс се сретнува со Смрдушковци на депонијата, веднаш станува јасно дека тие се решението за проблемот. Сè би било во ред ако не беа плановите на сопругата на градоначалникот и бескрупулозниот градежен изведувач Чекановски…

Филмот беше прикажан на најголемите фестивали за детски и фамилијарни филмови како „Џифони“ во Италија, Интернационалниот фестивал за деца и млади во Бусан, Интернационалниот филмски фестивал во Сан Себастијан, Германскиот медиа фестивал за деца „Голденер Шпац“ и други. Дистрибутер на филмот е „Катавеј“ од Скопје, а дистрибуцијата е помогната од German Films.

Сподели