Десетина археолошки локалитети заштитени со Закон се на делницата Требеништа-Струга-Ќафасан

Археолози коментираа дека самите предлог-измени се своевиден оксиморон, затоа што токму Собранието ја има ратификувано Европската конвенција за заштита на археолошкото наследство

Десетина археолошки локалитети заведени во Археолошката карта на Македонија кои се веќе заштитени со Законот за заштита на културното наследство се наоѓаат на трасата на инфраструктурниот Коридор 8 и проектот за автопатот Требеништа-Струга-Ќафасан, вели д-р Александра Папазовска, археолог, кустос-советник во Археолошкиот музеј на РС Македонија. Таа беше една од археолозите од цела Македонијна кои вчера протестираа против предлог-измените на Законот за заштита на културното наследство кој требаше да помине второ читање во Собранието. По укажувањата и предупредувањата каква штета ќе донесат измените, вчера предлогот беше повлечен.

Археолози од Скопје, Охрид, Струмица, Штип, Куманово и други градови од земјава со транспаренти протестираа пред Собранието. На македонски, албански и на англиски јазик тие порачаа: „Дали воопшто имате совест? Археолошките локалитети не се пречки на патот. Археолошките локалитети не се долна облека. Вандали од 21 век. Нели ќе одевме во ЕУ???“. Мирниот протест го организираа Македонското археолошко друштво и Македонскиот национален комитет на ИКОМОС. Предлогот за измени на ЗЗКН го предложи пратеничката група на ДУИ. Во пакетот беа предложени измени на уште осум други закони кои треба да ја олеснат изградбата на автопатите и тие вчера ја поминаа првата фаза од гласањето. Според предлог-измените на ЗЗКН, при случајно археолошко отритие за време на градежните активости ингеренциите требаше да припаднат на надлежниот инженер, наместо на надлежната инстутуција за заштита на културното наследство или Министерството за внатрешни работи, како што предвидува постоечкиот закон.

Проблематичен предлог

Според Папазовска, предложените измени на законот ќе направат комплетно нарушување на сите легислативи што во моментот функционираат во државата.
– На нелегален начин ќе се даде можност на луѓе кои не се стручни и компетентни да ја вршат работата на државните институции. Во предлогот не пишува како при случаен археолошки наод ќе се регулура целата правна постапка за понатамошна заштита на културното наследство. Веќе е познато дека на патот за Ќафасан има десетина локалитети кои се веќе регистрирани. Тоа не се непознати локалитети, тие се веќе ex-lege под заштита на законот – вели Папазовска.

Александра Папазовска

Орданчо Петков, претседател на Македонското археолошко друштво вели дека предлог-законот нема механизам како случајното откритие би било пријавено до надлежните институции и на кој начин би било заштитено.
– Надлежност му се дава на надзорниот инженер, а не е дополнително дефинирано како понатаму случајното откритие да го пријави во надлежна установа. Со измените не се регулира ниту одговорноста. Би требало да ја сноси инвеститорот или надзорниот инженер бидејќи тие се одговорни за унишувањето. Но, според измените тие не би имале обврска да го пријават случајното откритие во надлежните установи – вели Петков.

Орданчо Петков

Предлогот не предвидува ниту решение за судбината на предметите, што понатаму со нив, каде би биле депонирани.
– Затоа протестираме, бидејќи ова законско решение создава голема законска празнина која ќе придонесе културното наследство легално да се уништува – вели Петков.

УНЕСКО препорачува делницата воопшто да не се гради

Кристина Бицевска, претседателка на МНК ИКОМОС (Меѓународен комитет за споменици и места кој функционира во рамките на УНЕСКО) објаснува дека во вакви случаи, нивна обврска е прво да се обидат да делуваат на национално ниво. Тие веднаш доставија официјален допис/барање до Собранието да се повлечат предлог-измените.
– Ако не се стори тоа, апелираме до пратениците да не го гласаат. Ако не се постапи ниту според ова барање, интервенираме во седишетето на ИКОМОС во Париз, каде се покренува т.н. аларм за културно наследство. Тогаш веќе ИКОМОС ќе реагира на меѓународно ниво до надлежни институции и други фактори – објаснува Бицевска.

Кристина Бицевска

Таа нагласи дека Коридорот 8, делницата Требеништа-Струга-Ќафасан, е во рамките на Охридскиот Регион заштитен како светско природно и културно наследство.
– Една од препораките на УНЕСКО е оваа делница воопшто да не се гради. Кој и да сака да прави инфраструктурен план во оваа зона, особено ако е голем, мора прво да се направи студија за проценка на влијание врз културното наследство, не само врз животната средина. Тоа е долг механизам и процедура – вели таа.

Останатите археолози коментираа дека самите предлог-измени се своевиден оксиморон, затоа што токму Собранието ја има ратификувано Европската конвенција за заштита на археолошкото наследство.
– Со тоа сме потврдиле дека археолошкото наследство не е само наше, туку е светско наследство – коментираа археолозите.

Според измените, за потребите на изградбите на коридорите 8 и 10-д, ако градежниците дојдат до случајно археолошко откритие, тие во рок од три дена треба да го информираат надлежниот инженер, наместо надлежната институција за заштита на културното наследство или Министерството за внатрешни работи. Инфраструктурниот Коридор 8 ја опфаќа делницата: Тетово-Гостивар-Букојчани и проектот за автопатот Требеништа-Струга-Ќафасан, а Коридорот 10-д, делницата на автопатот Прилеп-Битола.

Сподели