Денешниот ден Владата го прогласи за Ден на жалоста во Македонија, како знак на солидарност и почит за големиот број загубени човечки животи предизвикани од катастрофалниот земјотрес што се случи во Турција и во Сирија на 6. февруари. Македонското знаме ќе биде истакнато на половина копје, во нашата држава и пред дипломатско-конзуларните претставништва во странство.
– Владата на Република Северна Македонија изразува длабоко сочувство за загубите, до целиот турски народ и до блиските на настраданите во земјотресот во Турција и Сирија, стои во соопштението.
Управата за управување со катастрофи и вонредни состојби на турската влада (АФАД) денеска соопшти дека бројот на загинати во Турција се искачи на 29.605, а повеќе од 92.600 луѓе се повредени.





