„Сè во исто време“, филмот со 11 номинации за „Оскар“, во Кинотека

Филмот со 11 номинации за „Оскар“, „Сè во исто време“ во режија на Дан Кван и Дениел Шнејнерт ќе биде прикажан на репертоарот на Кинотеката вечерва во 20 часот. Апсурдната драма комедија ќе биде прикажана и утревечер, како и на 21 и 22 февруари во истиот термин.

Повозрасната емигрантка од Кина, Евелин (Јео), е затекната во луда авантура во која само таа може да го спаси светот преку истражување на други универзуми и други животи кои можела да ги живее. Оваа чудна појава е позната под името мултиверзум. Таму некаде постојат наши верзии кои ги владејат боречките вештини како кунг-фу, знаат да пејат оперски арии или вешто да готват, или, пак, кои имаат виршли наместо прсти на рацете.

Евелин заедно со својот сопруг Вејмонд (Ке Хуј Кван) водат перална како семеен бизнис, но се под опасност од даночна ревизија и сериозни долгови. Во меѓувреме, строгиот татко на Евелин, Гонг Гонг (Џејмс Хонг), ќе допатува од Кина, а нејзината ќерка, Џој (Стефани Хсу), се обидува да ја придобие Евелин, бидејќи таа тешко ја прифаќа нејзината девојка Беки (Тали Медел).

Целата приказна за едно навидум просечно семејство доживува пресврт во моментот кога свеста и телото на Вејмонд ќе бидат преземени од Алфа Вејмонд, односно верзијата од Вејмонд во алфа-универзумот. Соочувањето со Непознатото станува лајтмотив на приказната и набргу Евелин дознава дека таа е, всушност, најлошата од сите нејзини милиони верзии во мултиверзумот, но има неискористен потенцијал што може да биде насочен кон совладување на големото зло кое се одѕива на името Јобу Тупаки… Улогите ги толкуваат:  Мишел Јео, Џејми Ли Кертис, Стефани Хсу, Ке Хуј Кван, Џејмс Хонг.

Филмот е наменет за публика над 16 години.

Сподели